Македонија
ДУИ: Пропадна планот на Вучиќ и моноетничката Влада за екстрадиција на Рамадани во Србија

Демократската унија за интеграција оценува дека пропаднал планот на Вучиќ и моноетничката влада за екстрадиција на поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани од Косово, кој е прогонуван по налог на српската влада, а беше уапсен во Скопје.
„Меџити и Таравари, губитниците на изборите и омилени вазали на ВМРО, се пофалија дека го ослободиле Блерим Рамадани, измамувајќи ја албанската јавност. Мицкоски вчера потврди дека Меџити и Таравари не отвориле ни уста во владата за Блерим Рамадани велејќи дека не слушнал дека се пофалиле јавно за неговото „ослободување“. Недостигот на легитимитет и кредибилитет на слугите во власта ги загрозува поранешните војници на ОВК, а Албанците ги остава сираци и понижени само заради хизмечарските фотелји“, посочуваат од ДУИ.
Според нив понижувањето на Албанците е алармантно и скандалозно.
„ВазаЛЕН-ите нѐ срамат и пред Косово и Албанија, со дипломатскиот скандал со претседателкста Османи и апсењето на Блерим Рамадани, сето тоа со директни наредби од Вучиќ и Србија“, завршуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Работиме на документ за национален консензус, евроинтеграцијата не смее да биде жртва на дневната политика

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најавува дека до крајот на неделата ќе биде готова работна верзија на декларацијата за национален консензус за европската интеграција. На денешната прес-конференција, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја истакна суштината на овој чекор и испрати јасна порака до јавноста и политичките чинители.
„Кога станува збор за националните интереси, кога станува збор за врвните државни интереси, и стратегиска цел на нашата земја, тоа е Европската унија, тука ниту јас лично ниту сметаме дека тоа треба да е предмет на прекупување во дневната политика, не калкулираме, нема итроштини, не правиме никакви трикови“, рече тој.
Филипче порача дека очекува одговорен пристап од сите политички партии.
„Сметам дека доколку и ВМРО-ДПМНЕ и премиерот имаат ваков сериозен пристап кон темата, а не гледам причината да немаат, тогаш сметам дека ќе најдеме решение“, рече Филипче и додаде дека се работи на инклузивен и транспарентен процес.
„Документот се изработува, до крајот на неделата, верувам дека ќе имаме една работна верзија, ќе го прикажеме на многу чинители – на сите политички партии, на нашите стратешки партнери, на јавноста, на новинарите, нека даде мислење и експертската јавност, поради тоа што сметам дека со иднината на граѓаните не треба да калкулираме.“
Во однос на грижите во јавноста, Филипче истакна дека во ниту еден документ не се загрозени ниту националните интер.
„Мора сите политички чинители да седнат заедно на маса и да одредиме што е тоа, што јасно и гласно – еве во еден документ – може би цитирано од повеќе претходни документи, договори, резолуции, треба да го формализираме за да знаеме како ќе продолжиме напред и да ги информираме граѓаните за тоа“, рече лидерот на СДСМ.
Филипче исто така предложи да се побара и поддршка од ЕУ во некои клучни делови од процесот.
„Да побараме помош, можеби, во тој документ, од Европската Унија, од Европската заедница, во делот на историската комисија, некои нивни експерти, нивно искуство. Како што реков вчера, најлошото е да не се прави ништо,“ заклучи лидерот на СДСМ.
Македонија
ЗНМ и ССНМ: Потребно е целосно расветлување на сомнежите за прислушување новинари

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) со сериозна загриженост ги следат информациите поврзани со можни случаи на незаконско следење новинари и медиумски работници во периодот 2019 – 2024 година за што јавноста беше информирана неодамна преку брифинг за новинари од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Дополнително, премиерот, како и директорот на АНБ, вчера јавно упатија повик до Јавното обвинителство да реагира и да го расчисти случајот за овие наводи.
„Сметаме дека секое незаконско следење на комуникации може да претставува сериозна закана за слободата на медиумите и за правото на јавноста да биде информирана. Воедно, потсетуваме дека и новата регулатива на Европскиот парламент, Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), јасно забранува какво било незаконско следење новинари и предвидува обврска на државите членки и на земјите кандидати да обезбедат ефективна заштита од вакви практики“, велат од ЗНМ и ССНМ.
Според нив, ваквите случаи, доколку се основани, оставаат чувство на несигурност меѓу новинарите и ја нарушуваат довербата во институциите. Од тие причини ги повикваа надлежните органи да постапуваат итно и исклучиво врз основа на закон со цел да овозможат целосна транспарентност и отчетност во интерес на јавноста.
„Очекуваме Обвинителството и судството да постапат одговорно и без одлагање, со цел да ја заштитат слободата на медиумите и да обезбедат правна сигурност за сите новинари и медиумски работници во земјата. Истовремено, бараме од политичките партии и носителите на високи јавни функции да се воздржат од изјави и меѓусебни пресметки во кои користат новинарски имиња бидејќи со тоа може да ја продлабочат поларизацијата во општеството и да поттикнат говор на омраза насочен кон новинарите“, се наведува во соопштението.
Во него потсетуваат дека скандалот со масовното незаконско прислушување од 2015 година, кога беше објавено дека биле нелегално следени комуникациите на илјадници граѓани, меѓу кои и на голем број новинари, сè уште нема добиено соодветна судска разрешница и покрај напорите на еснафските новинарски здруженија.
„Речиси десет години подоцна, некои од постапките се одолжуваат или завршуваат без правосилни пресуди, а новинарите што беа директно погодени сè уште ја чекаат правдата. Ова уште еднаш ја потврдува потребата институциите да дејствуваат итно, независно и без политички влијанија. ЗНМ и ССНМ остануваат подготвени да обезбедат правна помош и поддршка за сите евентуално оштетени новинари или оние чии права биле прекршени. За развојот на овој случај ќе биде информирана и Европската федерација на новинарите (EFJ), каде што двете организации се полноправни членки“, велат од ЗНМ и ССНМ.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа во прекин сообраќајот на патот Валандово – с. Јосифово

Поради сообраќајна незгода регионалниот пат Р 1105 на патниот правец Валандово-с.Јосифово поточно кај Калковска река е прекинат во двата правци од 11:30 часот, соопшти АМСМ.
„На 01.09.2025 год во 17:40 часот маг. пат А1 е затворен за сообраќај, поради пожарот кај клучка Марвинци.
Виадукт Трејд – Дооел од 01.09.2025 г. започна со нова фаза на градежни активности , односно воспоставена е времена измена на режимот на сообраќај – времена семафоризација со наизменично пропуштање на возилата при санација на мост Здуње (мост на река Вардар), државен пат А2, делница Гостивар – Стража во временски период од 6 (шест) месеци“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.