Македонија
Лекарската комора истакна три приоритетни реформи на средбата со министерот Таравари
Електронско водење на целокупната медицинска документација, запазување на начинот на упатување на пациентите во здравствениот систем и инклузивен процес за проширувањето на позитивната листа на лекови се приоритетните реформи што Лекарската комора ги истакна на првата средба со новиот министер за здравство, д-р Арбен Таравари, што се одржа денес во просториите на Комората.
„Сметаме дека е исклучително важно да се направи поедноставување на процедурите за водењето на медицинската документација на сите нивоа. Тоа лесно може да се примени со системот на електронско здравство што веќе го имаме. Во таа насока истакнуваме барање за укинување на хартиениот картон, односно матичните лекари да водат само електронски картон, како и укинување на праксата да се печатат упатите, специјалистичките мислења и другите документи што ги креираме во ‘Мој термин’ при прегледот на пациентот. Сега се случува без реална потреба да печатиме и по пет документи за еден пациент, што веќе ги има во ‘Мој термин’. Со оваа реформа лекарите ќе се ослободат од непотребната административна работа и повеќе време ќе посветат на пациентите што се нивниот најважен фокус“, истакна проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарската комора.
На средбата претставници на органите и телата на Комората појаснија и дека сериозно мора да се пристапи кон примена и запазување на патеките за движење на пациентите во здравствениот систем. Во таа насока, неопходно е дијагностичките процедури и постапките за лекување што може да се направат на примарно или на секундарно ниво да се завршуваат таму и пациентите да не се препраќаат на терцијарно ниво. Доколку се воспостави таков механизам во пракса, ќе се избегне ситуација како сега, кога докторите на клиниките се преоптоварени со пациенти, а тие во локалните болници немаат доволно работа, што може негативно да се одрази на квалитетот на работа и на едните и на другите.
Во однос на позитивната листа на лекови беше истакнат став дека во процесот на нејзино проширување повеќе треба да бидат вклучени лекарите преку стручните здруженија бидејќи тие се најстручни за да кажат кои лекови се најпотребни за лекување на пациентите. Исто така, важно е овој процес да биде инклузивен и за пациентите преку нивните здруженија за и тие да се информирани навреме за одлуките што се носат и да имаат можност да ги претстават своите видувања.
На средбата исто така имаше дискусија и за други теми од секојдневната докторска пракса, меѓу кои и вработувањето на специјализантите и задржување на младите доктори во земјата, што е многу важно за надоместување на кадарот што си заминува од јавното здравство. Претставниците на Комората истакнаа дека специјализациите треба да се доделуваат во согласност со систематизациите на здравствени установи и реалните потреби што постојат бидејќи така се штити здравствениот систем и се гарантира достапност на здравствените услуги. Треба да се обезбеди и рамномерно распределување на расположливиот кадар на територијата на целата држава, а целиот процес треба да се гледа низ призмата на општествениот интерес. Беше истакната и потребата за поедноставување на процедурите за вработување лекари, за поставување на телемедицината на стабилна основа, како и за неопходноста од воведување електронски интергиран здравствен систем.
Лекарската комора, како и другите медицински комори, Фармацевтската и Стоматолошката, чии претставници исто така присуствуваа на средбата како професионални организации во кои членуваат докторите на медицина, стоматолозите и фармацевтите, истакнаа заеднички став дека како и досега остануваат посветени на соработката со Министерството за здравство како креатор на здравствените политики. Коморите се подготвени во процесите на реформи посветено да партиципираат и со своето стручно познавање и искуство да придонесат кон креирање одржливи решенија што ќе придонесат за унапредување на здравствениот систем во интерес на здравствените работници и пациентите. На предлог на министерот Таравари се договори и редовна динамика на средби, како и активно вклучување на коморите во телата што ќе ги водат реформските процеси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

