Македонија
Перински: Новата Противпожарна станица за Врапчиште и Боговиње ќе гарантира безбедност на месното население
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети Општина Врапчиште и новоизградениот објект наменет за Територијалната противпожарна станица за општините Врапчиште и Боговиње, како дел од проектот за „Прекугранична заштита од пожари – Fireshield“, финансиран од ЕУ програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, чии носители се двете македонски општини, албанската Општина Черик и НВО Каритас југ од Албанија.
Ова е еден од неколкуте проекти коишто се во завршна фаза, а во чија реализација Министерството има партнерски удел, а истовремено е и актуелна неговата сфера на делување, со оглед на активните пожари ширум земјава. Тоа беше дополнителна причина, министерот Перински, да изврши увид во текот на досегашната реализација на проектот и да ги разгледа можностите за евентуална помош во актуелното справување со пожарите ширум земјава.
„Сега, кога на повеќе локации во земјава демнеат пламени јазици, несомнено е дека проектот суштински ќе делува за заштита на регионот во секој поглед. Истовремено, овие противпожарни капацитети веќе би можеле да ги ставиме во функција за гаснење на пожарите каде има потреба од логистичка поддршка. Во конретниов случај пак, загарантирана ќе биде безбедноста на преку 65.000 месно население, на нивните имоти, како и на 8.000 хектари планински терен и шумски појас во прекуграничниот регион. Нема да има простор за стравување. За жал, во минатото поради недостиг од соодветни капацитети, уништени беа над 5.000 хектари шума, а на моменти во опасност беше доведена и безбедноста на животите и имотите на населението од 30 рурални населби во регионот. Тоа сега ќе стане минато,“ истакна министерот Перински, кој изрази задоволство што освен за примарната намена за Територијалната противпожарна станица за општините Врапчиште и Боговиње, проектот е од големо значење и за Националниот парк Шар Планина, кој граничи со двете општини.
Вредноста на целиот проект е речиси 860.000 евра. Општините Врапчиште и Боговиње партиципраат со 545.000 евра, Министерството го помага проектот со 81.750 евра, а останатите средства се обезбедени преку ЕУ Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија. Предвидено е проектот да биде финализиран на крајот на месец ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

