Македонија
(Видео) Кузеска: Сватовите на Гаши со приватни возила биле пропуштени на граница без контрола
Денеска ќе го разоткриеме скандалот со самоволието на коалицискиот партнер на Мицкоски, Африм Гаши, но и јасно ќе ја обзнаниме улогата на МВР во целиот скандал, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Она, како што рече, што досега го знае јавноста, е дека партнерот на Мицкоски, Африм Гаши приватно со цела свита обезбедување бил на свадба во Косово со службено возило.
Но ова, според неа е само мал дел од скандалот.
Она што се крие од јавноста, додаде Кузеска, е уште поголем проблем за кој дебело треба да одговара Тошковски. Станува збор, како што истакна за тешка злоупотреба на граничниот премин Блаце и пропуштање на приватни возила и лица без контрола кои патувале во поворка заедно со Гаши и сватовите.
„Според информациите кои од свиркачи се доставени до СДСМ, границата со Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата.
Сите возила, на Гаши, на неговото обезбедување и приватните возила биле пропуштени без конотрла.
Според информациите кои ги добивме, поворката пред да ја помине границата била паркирана на една бензинска станица во близина на границата. Потоа, сите возила заедно, вклучително и приватните возила, поминале на лентата за камиони, односно товарен траспорт без да бидат застанити.
Да биде скандалот уште поголем, во возилата каде се што се возело обезбедувањето на Гаши, имало и дел од сватовите односно приватни лица што е законски недозволено.
Ова значи, дека границата со Блаце била целосно приватизирана за потребите на Гаши и тоа со амин на МВР и одговорните службеници. Со ова е нарушена безбедноста на државата и проверката на патници која е задолжителна со закон.
Ова е почитувани граѓани, целосен башибозук и газење на законите, институциите и достоинството на државата. Државната граница се третира како партиска своина на ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.
Срам за една држава“, вели Кузеска.
Прашува, кој ја дал наредбата за ова? Дали лично Гаши или Тошковски? Кој од МВР бил одговорен да го организира ова своеволие? Бидејќи, јасно е, додава таа, дека без команда да се пропуштат возилата ова не можело да се случи. Прашува дали контролата на границата кон Косово е целосно препуштена на партиските структури на ВЛЕН?
„Кој гарантира што се поминало низ границата во приватните возила?
СДСМ бара сериозна истрага од Јавното обвинителство и одговорност од сите инволвирани за овој скандал. Бараме Тошковски да си поднесе оставка или да биде разрешен во најкратка постапка.
Бараме внатрешна контрола да утврди одговорност на сите кои ги пречекориле овластувањата во МВР, а Јавното обвинителство да понесе соодветни кривични пријави“, нагласи таа.
Сега, како што посочи, станува јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ вчера преку соопштенија го бранеше Гаши за овој скандал. Тоа, како што оценува, е затоа што истиот не можел да се случи без поддршка од МВР и раководни структури во министерството. Според неа, ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски се фасцилитатори на ова каубојско однесување и треба да одговараат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

