Топ
Двајца уапсени за убиството кај „Мавровка“

Денеска во СВР Скопје било пријавено кривично дело убиство на паркинг простор пред трговски центар „Мавровка“ во Скопје, при што со огнено оружје е застрелано едно лице и починало на местото, извести МВР.
„Од страна на полицијата веднаш се преземени оперативно – тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови. Имено, на подрачјето на општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице, а на полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање“, соопшти МВР.
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот што следува во некои делови од град Скопје ќе има зголемено полициско присуство со цел целосно расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ѓоковиќ од Вимблдон преку Макфакс порачува: Ветувам, многу бргу се гледаме во Македонија!

Пред почетокот на годинешниов трет гренд слем турнир во Вимблдон, на воведната прес конференција, најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ одговори и на три прашања на известувачот на Макфакс.
Макфакс: Новак, прв противик на Турнирот во вторник ќе ви биде Александре Муле од Франција. Во интервјуто дадено за интернационалниот тениски портал, „Клеј“, тој открива две приватни работи кои би сакал да ги прокоментирате. Првата, после Киријос тој е вториот тенисер кој јавно кажува дека објавува фотографии на Онли Фенс. Звучи забавно, но, можеби, открива еден аспект од тенисот и спортот, проблем со кој спортистите се сретнуваат, а тоа се финансиите за да ја продолжат кариерата и патуваат низ светот на турнири. Неговиот втор проблем е здравствен. Тој боледува од Кронова болест, што често може да биде незгодно во текот на мечот. Ме занима, дали постои емпатија во врвниот спорт, кога се јавува сериозен здравствен проблем додека трае играта? Колку сте подготвени тоа да го толерирате во ситуација кога е интензитетот висок и кога прекинот може да влијае на резултаот? И, на крај, повеќе како констатација: би ве потсетил дека македонскиот премиер уште во 2019. година јавно ве покани да дојдете во Скопје и Охрид и дека сé уште ве чекаме.
Ѓоковиќ: Во право сте. Најпрво на тоа ќе одговорам. Треба да дојдам во Македонија, и многу бргу тоа ќе го сторам. Ветувам!
Што се однесува до Муле, не сум знаел за неговата ситуација. Тоа е сериозна болест и сериозен здравствен проблем. Не сум во негова кожа, но верувам дека не му е лесно секојдневно, особено кога е вклучен во врвни, професионални спортови. Го имаме случајот и со Александар Зверев, кој е дијабетичар и кој се боцка со игла за време на натпревар за да го балансира нивото на шеќер во крвта, што е навистина необично, но и импресивно! Од друга страна, гледајќи го стресот и сè што подразбира врвниот тенис, а тие да успеваат да ги надминат тие сериозни здравствени предизвици и да бидат таму каде што се, особено Зверев, кој е втор-трет во светот, и Муле, кој има извонредни резултати, игра најдобар тенис веќе неколку години и има најдобар ренкинг. Му посакувам сé најдобро, не во натпреварот со мене, но приватно имам апсолутно сочувство за сè низ што поминува.
Јас, искрено, не ни знам како изгледа таа платформа Онли Фенс! Сé што знам е дека се покажуваат делови од телото повеќе отколку што би требало, но искрено – не знам како изгледа! Дека тоа е поврзано со финансиски проблеми и предизвици – можно е. И не е прв пат некој играч да направи нешто такво. Луѓето и медиумите нé претставуваат нас неколкумината на врвот што заработуваме милиони дека сме богати кои сé нешто се бунат и жалат околу пари. Јас секогаш се трудев кога можев, особено кога бев активен во Советот на играчи на АТП или ко-основач на ПTПA, постојано да зборувам за тоа колку е важно да се шири свеста за тоа колку мал број на играчи живее од овој спорт. Многумина го напуштаат спортот, огромното мнозинство уште на почетокот од кариерата, затоа што немаат поддршка од Федерацијата или од некој спортски систем. Огромното мнозинство од нив играат тенис, но немаат средства да платат тениски тренер или кондиционен тренер, а камоли физиотерапевт. Секако дека постојат спортови кои се мачат многу повеќе од нас, но кога зборувам конкретно за Муле и така натаму ова се некои реални ситуации што се присутни и се случуваат. Затоа и ПTПA, како организација која ги застапува правата на играчите, е основана да се бори за тие играчи и за нивни подобри услови.
Ненад Живановски-Столиќ
Регион
(Видео) Македонски камионџија уапсен во Грција по несреќата во која загинаа татко и дете

34-годишен возач на камион од Македонија е уапсен вчера попладне во Грција, откако учествувал во страшна сообраќајна несреќа во која животот го загубија татко и неговиот 13-годишен син. Трагедијата се случила на стариот магистрален пат Солун – Верија, околу 16 часот.
Според информациите на грчкиот портал protothema.gr, до несреќата дошло на делницата меѓу Халкидони и Лудија, каде под сè уште неразјаснети околности дошло до жесток фронтален судир меѓу камионот и патничко возило во кое патувало четиричлено семејство.
Во судирот, 44-годишниот возач на автомобилот починал на самото место, а неговиот 13-годишен син им подлегнал на повредите кратко потоа. 43-годишна сопруга и нивниот 9-годишен син се здобиле со тешки повреди и биле веднаш пренесени со возило на итната медицинска служба ЕКАБ во болницата „Гениматас“ во Солун.
Според близок роднина на семејството, трагедијата се случила додека се враќале од патување и шопинг во Солун кон нивниот дом во едно село во регионот Пела. Роднината вели дека семејството е во целосен шок, а точните причини за несреќата засега остануваат непознати.
Фотографиите од местото на трагедијата, објавени од protothema.gr, прикажуваат целосно деформирано возило, што сведочи за силата на ударот. Грчката полиција продолжува со истрагата за да ги утврди причините за фаталната несреќа.
Македонија
Земјотрес рано утринава ги разбуди граѓаните на Валандово и на околината

Утрово во 5:54 часот, земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го стресе регионот околу Валандово, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија го регистрирала потресот на неколку сеизмолошки станици ширум државата, при што е утврдено дека епицентарот се наоѓа во епицентралното подрачје Валандово, оддалечено околу 120 километри југоисточно од главниот град.
Според првичните информации од Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот бил почувствуван во Валандово и околните населени места со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала (EMS).
Засега нема информации за причинета материјална штета или повредени лица, но локалното население на социјалните мрежи известува дека потресот бил „краток, но силен“, и ги разбудил во раните утрински часови.
Сеизмолозите продолжуваат да ја следат ситуацијата и ги повикуваат граѓаните на смиреност, посочувајќи дека ваквите потреси се честа појава во сеизмички активниот регион на југоисточна Македонија.