Црна хроника
Од возило во движење пукано кон „фолксваген пасат”: 43-годишник со прострелна рана пренесен на Клиника

Вчера околу 20.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булеварот „Александар Македонски” во Скопје, од патничко возило во движење од огнено оружје било пукано во патничко возило „фолксваген пасат” со австриски регистарски ознаки, управувано од 43-годишниот Н.А. од Австрија, со привремен престој во Скопје, а сопатник бил Н.А.(30) од Скопје, извести МВР.
„Притоа, со прострелна рана се здобил возачот Н.А. и бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош“, соопшти МВР.
Увид извршила екипа од СВР Скопје и на местото биле пронајдени чаури од огнено оружје калибар 9 мм. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Истрага за тероризам: пријавил дека има бомба на летот Скопје – Анталија

Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, обвинителството отвори истражна постапка против С.А. (26) поради основано сомневање дека сторил кривично дело Тероризам.
Осомничениот на 16 овој месец во раните утрински часови преку телефонската линија за итни случаи 192 со умисла упатил сериозна закана за подметната бомба во воздухоплов на Меѓународен аеродром Скопје, на летот Скопје – Анталија.
„По преземени мерки и активности дојдено е до сознание дека на 16.08.2025 во 02.41 часот лажно пријавил дека е поставена бомба во авион кој од Меѓународниот аеродром Скопје требаше да полета кон Република Турција, по што аеродромот беше затворен за сообраќај неколку часа, а планираните летови, исто така, беа одложени за неколку часа, односно до завршување на антитерористичките проверки. При преземањето мерки, на 20.08.2025, со судска наредба, бил извршен претрес во домот на С.А. на подрачјето на Кисела Вода, при што биле пронајдени и одземени предмети поврзани со настанот, а тој бил лишен од слобода. Во службен разговор во полициска станица тој го признал делото“, соопшти МВР.
Судот му определи притвор на осомничениот во траење од 30 дена.
Црна хроника
Заталкано зрно од огнено оружје заврши во автомобил во Чаир

Заталкано зрно од огнено оружје заврши во автомобил во станица за технички преглед во Чаир.
Според информациите на МВР, вчера околу 14:30 часот во СВР Скопје, Б.А.(49) од Скопје пријавил дека во кругот на станица за технички преглед на подрачјето на Чаир од заталкано зрно од огнено оружје било оштетено ветробранското стакло од неговото возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки.
Полициски службеници од СВР Скопје го подигнале зрното за понатамошна постапка.
Се работи на расчистување на случајот.
Црна хроника
Тинејџер со мопед удри во 12-годишно девојче во Кичево, со тешки повреди пренесено во болница

Тинејџер со мопед удри во 12-годишно девојче во Кичево, со тешки повреди е пренесено во болница.
Според информациите на МВР, вчера во 19:30 часот во ОВР Кичево било пријавено дека на ул.„Рудничка“ во Кичево, мопед „пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управуван од Л.М.(18), удрил во пешак-12-годишна малолетничка, двајцата од Кичево.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетничката, а со телесни повреди се здобил возачот на мопедот, констатирани во Медицински центар Кичево. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кичево.