Македонија
(Видео) Наим Рамука, а не раководителот на смена, е тој што одобрил незаконско поминување на границата, вели Кузеска
Под притисок на СДСМ, Панче Тошковски ги потврди сите објавени информации за скандалот со свадбената поворка на Африм Гаши и пропустите на граничниот премин Блаце. Вчера, СДСМ им даде рок од 24 часа на Тошковски и МВР да бидат чесни и да објават како дошло до овој скандал и кој е вистински одговорен за тоа, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Наместо Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат, кога веќе секако се фатени во скандалот и мораа да го признаат, тие, вели Кузеска, се обидуваат одговорност да му ја натоварат на раководителот на смена на граничниот премин Блаце.
„Овој човек не е тој што дал наредба да бидат пропуштени Гаши и сватовите без контрола.
Затоа, СДСМ денес ќе ги објави сите податоци од свиркачите и ќе се дознае дека ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски лажат и се обидуваат да го скријат вистинскиот виновник и извршител во скандалот.
Според нашите информации, наредбата ја издал новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука.
Во согласност со информациите што ги добивме, еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука, поради наводна контрола, дошол на граничниот премин. Во суштина Рамука дошол за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши и сватовите.
Наим Рамука е човекот што одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката. Не човекот што го обивнува Тошковски, раководителот на смена на Блаце, туку Рамука, кој токму Тошковски го поставил за началник на Центарот за гранични работи Север“, рече таа.
Праша зошто Тошковски сака да го заштити Наим Рамука и го мести раководителот на смена? Дали Тошковски повторно ќе се обиде да излаже и да го заштити својот нов началник на сметка на чесни луѓе, кои си ја работат работата?
До кога ќе траат лагите на МВР и ВМРО-ДПМНЕ? Ќе си поднесе ли, конечно, Тошковски оставка?
Ова, според неа, е голем скандал, кој не значи само тешка злоупотреба на граничниот премин, туку и своеволие, прекршување на законите и потенцијлно направени кривични дела, кои допрва треба да се истражуваат.
„Безбедноста на границите ни е нарушена, а граничната контрола целосно суспендирана и ставена под партиска команда на ‘Влен’ и ДПМНЕ. Ова е недозволиво и опасно за државата членка на НАТО.
Време е за одговорност, онаму каде што вистински е лоцирана, почнувајќи од министерот Тошковски, па сѐ до крај.
Прашуваме: Уште колку вакви примери има на злоупотреби, за пропуштање возила и лица на граничниот премин без контрола?
1. Бараме целосно да се декласифицираат и да се објават снимките од граничниот премин Блаце за време на целиот ден.
Граѓаните да видат кој сѐ поминал без контрола, но и да се види дали и други возила се пропуштаат на граничниот премин Блаце.
Тоа ќе биде основа и за истражните органи да постапуваат.
2. Бараме Тошковски да си даде оставка.
На тој начин ќе остави простор истражните органи, Јавното обвинителство, во транспрентна постапка и без притисок да ја утврди одговорноста на сите инволвирани во овој голем скандал.
3. ОЈО да отвори детљна истрага и овој скандал да има разрешница. Секој што го прекршил законот мора да одговара“, нагласи Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски и Бајовски со ново, заедничко, ветување: Канализација ќе добијат сите улици во Бел Камен и Кучевишка Бара кои досега беа изоставени
Градоначалниците на Бутел и на Чучер-Сандево, Дарко Костовски и Зоран Бајовски со заеднички проект ќе го решаваат проблемот со канализација во Кучевишка Бара и Бел Камен. Населбите се една до друга, но припаѓаат на две различни општини и со децении градоначалниците ветуваат дека ќе им изградат фекална канализација, но досега ниту еден не го реализираше ветувањето.

Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните
Градоначалникот на Чучер-Сандево попладнево на социјалните мрежи се пофали дека првпат двете соседни општини пристапуваат заеднички и координирано за решавање на овој долгорочен проблем, со јасни рокови и распределба на обврски.
„Денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, ја формиравме оперативната работна група за решавање на заедничките проблеми на жителите од Чучер Сандево и Бутел. Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција“, објави градоначалникот Бајовски.
Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните за да се обезбеди транспарентен процес и квалитетна техничка документација.

Главна задача на работната група е доработка на проектот со цел да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени
„Нашата цел е да обезбедиме трајно и одржливо решение за управување со отпадните води, што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини“, вели градоначалникот Бајовски.
Револтирани што на терен нема никакви активности и оти градоначалникот Бајовски фекалната канализација во Бел Камен не ја ставил на листата со приоритети, како што им вети пред изборите, претставници на жителите од двете населби пред два месеца го потсетија на ветувањето и му кажаа дека доколку не почне да работи за решавање на нивниот проблем, подготвени се да протестираат.
Градоначалникот Бајовски, за „Макфакс“ на крајот на ноември изјави дека, за да почне да го решава проблемот, прво ќе направи ребаланс на буџетот, а потоа ќе работи на нов проект кој ќе ги опати и улиците каде што никогаш не е изградена фекална канализација.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.

