Регион
(Видео) Детали за масакрот во БиХ: домарот на училиштето ги убил директорот, секретарот и еден професор, откриен и мотивот
Се случи масакр во средното училиште во Сански Мост во Босна и Херцеговина. Полицијата потврди дека во нападот загинале директорот на училиштето, секретарот и еден професор. Трикратниот убиец бил домарот на училиштето, а неговите жртви биле вработени со кои претходно бил во конфликт.
Тројца убиени, застрелани од чуварот
Домарот на училиштето со автоматска пушка ги убил директорот на гимназијата, Нијаз Халиловиќ, професорката по англиски јазик, Гордана Ниџан, и училишната секретарка, Нисвета Кљуниќ.
„Пукањето се случило во 10.15 часот. Машко лице со огнено оружје убил тројца вработени во училиштето. По тоа, најверојатно, се обидел да си пресуди и добил тешки физички повреди. Тој е префрлен на Ургентниот центар во Бања Лука. Полицијата е на самото место“, изјави Аднан Бегановиќ, портпарол на МУП на Унско-санската жупанија.
Пукал чуварот Мехмед Вукалиќ, пишуваат „Независне новине“.
Во моментот кога нешто по 10 часот во училиштето беше извршено тројното убиство, во тек беа поправните испити, но нема потврда дали и колку ученици имало во зградата, информираат босанските медиуми.
Како што неофицијално дознава „Н1“, напаѓачот веќе извесно време имал несогласувања со раководството на училиштето и претходно се жалел на дискриминација.
Pucnjava u Sanskom Mostu, troje mrtvih pic.twitter.com/w8hBrqyBG9
— Nezavisne novine (@NezavisneBL) August 21, 2024
Против него е спроведена дисциплинска постапка и утринава, според неофицијални информации, тргнал во целна потрага по лицата што биле во тие дисциплински комисии и пукал во нив. „Н1“ неофицијално дознава дека напаѓачот имал и психички проблеми.
Во тек е полициска истрага, а училиштето е опколено од огромни полициски сили, јавува „Независне новине“. На самото место се собрале голем број професори, кои се во шок бидејќи многумина од нив биле сведоци на нападот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Следната година е многу важна, ќе ја одреди судбината на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја оцени 2026 година како исклучително важна година поради изборите што ќе „ја одредат судбината на Србија“ и големите инвестиции планирани како дел од подготовките за изложбата ЕКСПО 2027, пишува „n1info.rs“.
Вучиќ изрази надеж дека граѓаните ќе „судат според постапките“ кога гласаат и ќе дадат поддршка на Српската напредна партија.
„Донесете ја одлуката со ладна глава и рационално. Погледнете што е направено, разгледајте ги плановите, програмите и луѓето кои се способни да спроведат нешто или не се способни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за него е важно што знае колку народот дал за да ја спаси земјата.
„Знам колку разбравте дека вашата земја е загрозена и колку сакавте да помогнете, и затоа сум ви бескрајно благодарен. Благодарение на вас и вашата сила, успеавме да се бориме, успеавме да ја одбраниме и зачуваме Србија и сега само гледаме како Србија може да продолжи напред. Ви благодарам за вашата поддршка“, рече тој.
Фото: депозитфотос
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos

