Економија
Нов испад на Блок 1 на РЕК „Битола“ поради проблеми во системот на МЕПСО

Блок 1 на РЕК „Битола“ околу 12 часот прекина со работа поради испад на 110-киловолтен далновод на АД МЕПСО.
Редовното и нормално функционирање на Блок 1 беше прекинато бидејќи во критичниот момент постројката не можеше да ја испорача произведената електрична енергија кон македонскиот електроенергетски систем по што во согласност со сигурносните протоколи блокот беше исклучен, велат надлежните.
Според известувањето, прекинот во снабдувањето со електрична енергија во неколку населби во Битола во истиот период кога без напон остана и Блок 1 на РЕК „Битола“ се должи на истиот проблем предизвикан од далноводот на МЕПСО и нема никаква поврзаност со работата на комбинатот.
Паралелно, како што додаваaт, без проблеми се одвива производството на електрична енергија од Блок 2 на РЕК „Битола“ бидејќи постројката е поврзана со електропреносниот систем на АД МЕПСО преку друг, 400-киловолтен далновод. На Блок 3 во тек се ремонтни активности.
Денешниот испад на Блок 1 на РЕК „Битола“, поради проблеми во преносната мрежа на АД МЕПСО, е трет во период од 40-ина дена. Стручни лица од РЕК „Битола“ работат на надминување на состојбата и повторно ставање во функција на Блок 1.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерството за финансии и Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора почнуваат со редовна комуникација за состојбите на пазарот

На 7 октомври Министерството за финансии и претседателството на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија одржаа работен состанок, којшто го водеше државниот секретар во Министерството, Андриана Матлиоска. На состанокот беа дискутирани актуелните состојби на финансискиот пазар во делот на финансиските друштва.
Врз основа на направените анализи е констатирано успорување на растот на кредитната активност на финансиските друштва по донесувањето на последните измени на Законот за финансиски друштва во јули 2023 година и Правилникот за кредитен ризик од април 2024 година. Така, податоците покажуваат дека во првото полугодие на 2025 година, во вкупното кредитирање во земјата, финансиските друштва учествуваат со 2,3%. Воедно, засилениот надзор од Министерството за финансии над работењето на финансиските друштва влијаеше во насока на консолидација на секторот и намалување на бројот на финансиските друштва од 35 на 26 финансиски друштва.
На состанокот беше поздравено формирањето на Одделението за следење и надзор над работата на небанкарските институции во рамки на Секторот финансиски систем во Министерствот за финансии, преку кое се зајакнува вонтеренскиот и теренскиот надзор на финансиските друштва и имплементацијата на законската рамка и подзаконските акти донесени од Министерството за финансии во својство на регулатор.
Како што беше истакнато на состанокот примарна цел на Министерството за финансии и на Групацијата на небанкарски финансиски друштва е заштита на потрошувачите. Во таа насока од страна на државниот секретар Матлиоска беше истакнато дека Министерството за финансии како регулатор во оваа област, постојано работи на зајакнување на регулативата со цел обезбедување висока заштита на правата на потрошувачите кои користат финансиски услуги од финансиските друштва. При тоа таа додаде дека преку постојани подобрувања на регулативата, финансиските друштва се обврзани да воспостават систем за
управување со кредитен ризик, што значи дека се обврзани одговорно да ја проценуваат кредитната способност на клиентот пред да одобрат кредит.
Во тој контекст претседателството на Групацијата информираше и за спроведување на Етичкиот кодекс кој беше донесен во јуни 2025 година, а кој
На состанокот беше истакната заедничката заложба за поголема транспарентност на податоците и информациите за работата на финансиските друштва во јавноста. Во контекст на ова, а согласно последните измени, покрај регуларните извештаи и обврски за известување кои и досега ги имаа финансиските друштва, истите сега имаат обврска задолжително транспарентно и јавно да го објават својот тарифник со надоместоците на својата веб-страница и на видно место во своите работни простории. Тоа на потрошувачите ќе им овозможи целосен увид во сите трошоци пред склучување на договорот.
Заеднички беше констатирано дека сите преземени досегашни мерки ја потврдуваат посветеноста за финансиската стабилност на пазарот и заштитата на потрошувачите.
(ПР)
Економија
Цените на нафтата се искачија над 66 долари

Цените на нафтата денес се искачија над 66 долари на меѓународните пазари, при што водечките производители објавија само умерено зголемување на понудата кон крајот на годината и индикации за стабилна побарувачка за гориво во САД.
На лондонскиот пазар, цената на барел попладне беше за 1,04 долари повисока од вчерашното затворање, на 66,49 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше по цена повисока за 1,13 долари, на 62,86 долари.
Инвеститорите беа изненадени од објавата на почетокот на неделата од водечките производители дека имаат намера само умерено да ја зголемат понудата кон крајот на годината.
Групата од осум членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници објавија во неделата дека ќе испумпаат само дополнителни 137.000 барели дневно на пазарот во ноември.
Тие веќе ја зголемија понудата за 411.000 барели дневно во септември.
„Осумката“ забележа дека изгледите за глобалната економија се „стабилни“ и дека пазарните индикатори се „моментално здрави“, судејќи според „ниското ниво на залихи“.
Пазарите очекуваа октомври да означи само краткорочен одмор во забрзаната нормализација на залихите.
Економија
Гувернерот Славески: Финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни во услови на зголемени ризици и дигитализација

На годишниот состанок на регионалниот проект за техничка помош во областа на финансиската едукација, поддржан од ОЕЦД и Министерството за финансии на Холандија, што се одржува во Сараево во организација на Централната банка на Босна и Херцеговина, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во услови на зголемени економски ризици и брза дигитализација, финансиската едукација и дигиталната писменост се неопходни за користење на предностите од финансиските услуги и за обезбедување сеопфатен раст.
„Во време кога инфлацијата расте и кога има зголемени каматни стапки и широка достапност на дигиталните финансиски услуги, се јавува нужна потреба од јакнење на финансиската и дигиталната писменост. Дигитализацијата носи нови можности, како поефикасни и поевтини финансиски услуги, но истовремено создава и нови ризици – од онлајн измами, прекумерно задолжување, до загрозување на личните податоци“, порача гувернерот.
Тој зборуваше на панел-дискусијата на тема „Унапредување на финансиската едукација за посилен раст“, на која учествуваа гувенерите на централните банки на Босна и Херцеговина и Молдавија, заменик-гувернерката на Грузија и вицегувернерот на Хрватска. Разговорот беше насочен кон улогата на финансиската едукација во зајакнувањето на економскиот раст, како и во справувањето со новите ризици предизвикани од дигитализацијата на финансиските услуги.
Гувернерот Славески нагласи дека посебно внимание треба да им се посвети на младите и на потрошувачите со ограничено финансиско искуство. „Зголемувањето на финансиската и дигиталната писменост е од огромна важност за граѓаните и за претприемачите за да можат да ги препознаат придобивките, но и ризиците од новите дигитални финансиски производи и услуги. Само така можеме да ја искористиме дигитализацијата како алатка за поголема вклученост и стабилен економски раст“, додаде тој.
Во рамките на зголемувањето на вклученоста, Народната банка ги спроведува и активностите на иницијативата „Кодекс за финансирање на жените претприемачи“ (WeFi Code), како национален координатор, заради намалување на родовиот јаз во пристапот до финансии и поддршка на женското претприемаштво. Во оваа иницијатива, покрај Народната банка, се вклучени 18 институции од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу кои шест банки и две штедилници.
Народната банка со своето учество ја потврди својата заложба за унапредување на финансиската едукација, дигиталната писменост и вклученоста, во услови на брзи економски и технолошки промени.