Македонија
Јаневска од Кавадарци: Вложуваме во модерна образовна инфраструктура и квалитетен воспитно – образовен процес
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска денеска е во посета на општина Кавадарци каде заедно со градоначалникот Митко Јанчев извршија увид во активностите за реконструкција на кровот на основното училиште „Тошо Велков – Пепето“.
„Станува збор за инвестиција во вредност од 9 милиони денари обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука, која целосно ќе биде реализирана до крајот на 2024 година. Имаме низа тековни инфраструктурни инвестиции, а во иднина нивниот број значително ќе се зголеми, со оглед на намерите на Владата за континуиран раст на буџетот наменет за образование“, рече Јаневска.
Таа посочи дека Кавадарци е една од оние локални самоуправи кои имаат визија за модерно образование и долгорочен план како квалитетот да го одржуваат, но и постојано да го унапредуваат.
„Пријатно сум изненадена од посветеноста на градоначалникот и воопшто на локалната самоуправа кон учениците и наставниците и обезбедувањето на подобри услови за настава и за работа во училиштата“, потенцираше Јаневска, додавајќи дека иако процесот на децентрализација во државата се уште не е целосно завршен и голем број општини постојано чекаат поддршка и насоки од централните институции, овде како што рече, изгледа како тој процес да е завршен, работите се поинаку сфатени и преземени целосно во свои раце.

Градоначалникот Јанчев информираше дека со инвестиција од 100 милиони денари се градат четири нови спортски сали во подрачни основни училишта, се реконструира ученичкиот дом „Крсте Петков Мисирков“ каде се вложени 5 милиони денари, но и дека во сите училишта поставени се фотоволтаици кои обезбедуваат големи заштеди во општинскиот буџет.
„Во моментов проектираме 26 нови училници во 4 основни училишта од вкупно 8те општински, за да може од септември 2025 година, сите објекти да имаат едносменска настава“, рече Јанчев.
Тој додаде дека општината секој ден се обезбедува бесплатен оброк за 1800 ученици од прво до петто одделение и дека се целосно подготвени за успешен почеток на учебната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

