Македонија
„Договорот со ‘Бехтел и Енка’ останува тајна – ДПМНЕ го погази ветувањето за декласификација“, велат од партијата Левица
„Министерот за транспорт Александар Николоски на 26 јуни 2024 упати ветување до јавноста дека ќе го декласифицира договорот со „Бехтел и Енка“. По само две недели изјави дека тоа нема да се случи. Како политичка партија која се залага за транспарентност и одговорно управување со државните ресурси, #Левица изразува длабока загриженост поради договорот со „Бехтел и Енка“ кој е финансиран со пари на граѓаните, а останува класифициран како државна тајна“, велат од партијата Левица.
„Оваа влада, со своето прикривање на клучни информации од јавноста, покажува дека се обидува да спроведе проект кој потенцијално може да има огромни негативни последици по државниот буџет и економската стабилност на Република Македонија.
Го прашуваме министерот Николоски: Зошто продолжува да спроведува таен договор со приватен субјект, а финансиран со народни пари? Што е толку скандалозно и шокантно во договорот меѓу државата и приватна градежна компанија? За што се до сега издвоени 240 милиони евра народни пари? Какви други натамошни обврски презела државата кон приватниот субјект за кој граѓаните не треба да знаат? Дали прифаќањето на одредби кои можеби содржат криминални компоненти, нема да бидат кривично гонети? И на крајот, дали власта во држењето на овој договор во тајност штити од кривичен прогон одредени личности од минатата владејачка гарнитура, воедно и создава терен и за слични вакви идни постапки?
Граѓаните на Прилеп секојдневно протестираат против овој договор, изразувајќи го својот оправдан револт и загриженост. Ова е јасен сигнал дека јавноста бара актуелната Влада да опстои на своите ветувања дека ќе биде транспарентна и одговорна. Граѓаните не се подготвени да дозволат нивните имоти и животна средина да бидат загрозени преку сомнителни договори.
#Левица бара министерот Николоски да го одржи ветувањето, односно веднаш да се декласифицира договорот и сите услови од договорот да бидат јавно објавени! Само со целосна транспарентност можеме да спречиме потенцијални злоупотреби и штетни договори кои ќе ја чинат државата милионски суми.
Дополнително, го повикуваме Основното јавно обвинителство да започне соодветна истрага во врска со овој договор, како што беше ветено од министерот Николоски. Владата мора да е свесна дека одговорноста за држење на овој договор како таен, сега е нејзина.
Остануваме на страната на граѓаните и нема да дозволи државните интереси да бидат жртвувани поради нечиј личен или политички профит. Ќе се бориме за целосно разоткривање на сите детали од овој договор и ќе направиме сè што е во наша моќ за да спречиме штетни проекти кои можат да имаат катастрофални последици за нашата земја.
Време е власта да покаже дека нема што да крие и да го објави договорот со „Бехтел и Енка!. Граѓаните заслужуваат одговори, а не прикривање и молк, затоа што на крајот, тие ја плаќаат цената“, соопшти партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сѐ уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, велат од СДСМ
Според СДСМ, повеќе од една недела нема одговори за најголемиот нарко-скандал во регионот, заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија.
Прашуваат како 5 тони дрога, во неколку камиони ја преминале границата.
„Кој ќе одговара?
Фактите упатуваат дека без поддршка од структури во власта, во МВР, во Царината и во други институции, ваква масовна шверцерска операција е невозможна.
Според неофицијални информации објавени во српските медиуми, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од американската DEA.
Затоа е молкот и паниката во врвот на власта.
Станува збор за скандал од огромни размери, кој го оголува длабокиот криминал и на владата предводена од ВМРО и Христијан Мицкоски“.
СДСМ бара итна, независна и транспарентна истрага, која ќе даде одговори на како што велат, неколку прашања.
„Кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку македонската граница?
Кои структури во институциите ја овозможиле оваа криминална операција?
Дали лицето Симе, кое јавноста го виде на фотографии со Мицкоски, е дел од оваа мрежа?
Сите што се вмешани, без разлика на функцијата мора да одговараат и ќе одговараат“.
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СЈО партиски штаб на СДС, Јанева добивала насоки а Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски ги извршувале наредбите на Заев
Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски во времето на СЈО се однесувале како авторитети а денес се претставуваат како жртви, додека Кaтица Јанева предметите ги распоредувала по насока на Зоран Заев и СДС, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според сведочењето на поранешната обвинителка во СЈО Лејла Кадриу на почетокот на работата на СЈО биле избрани само 7 од предвидените 12 обвинители, а останатите 5 биле приклучени за многу кратко време исклучиво само и само да се обезбеди присуство на Гаврил Бубевски.
Сите чекале амин од Зоран Заев за да се оформи тимот да дојде и Гаврил Бубевски за да започнат со работа.
СЈО било користено исклучиво за да се задоволат интересите на СДС, Заев и врхушката околу него“.
Кадриу, додаваат од владејачката партија, посочува дека постоел договор меѓу Катица Јанева и Заев, каде истакнува настан од 30 декември 2015 година, кога на вработените им било кажано да не доаѓаат на работа и да ги искористат празниците. Таа, како што е наведено во соопштението, била една од ретките кои сепак дошле, и сведочи дека токму тој ден во просториите на СЈО биле присутни Заев, Шекеринска и други лица, кои доставувале материјали што, според неа, незаконски ги примиле Ристоска, Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска.
„Ленче Ристоска отворено покажувала воодушевување и симпатии од присуството на Зоран Заев и Шекеринска во СЈО па се поставува прашањето дали тој пристап на Ристовска е пристрасно водење на обвинителството.
За Гаврил Бубевски, Кадриу вели дека самиот се фалел оти ништо не можело да помине во СЈО без негова согласност, дека користел повеќе телефони и преку нив добивал насоки за распределба на предметите, што, според неа, укажува на директно влијание од надворешни, партиски структури врз работата на СЈО.
Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска, ”бомбите” и материјалите од Заев ги преземале без никаков записник, што е спротивно на законите и отвора дополнителен сомнеж за веродостојноста на истите.
Според овие сведоштва, Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска наместо да се претставуваат како жртви треба да превземат одговорност и да се извинат за своите постапки“.
Не смее да се дозволи, додаваат од партијата на Мицкоски, партиски послушници и маши да ги водат правосудските органи.
„Правда и одговорност мора да има“.

