Култура
Свечено отворање на летната сцена „Славиша Кајевски“ со „Црнила ремикс“
Отворањето на летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе се случи на 17 септември со музичкото драмско дело/рап-перформансот, „Црнила ремикс“ со почеток во 21:00 часот.
Режисер на ова современо читање на драмската класика „Црнила“ од Коле Чашуле, е Јордан Симонов кој заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-колективот „Зад аголот” го поставија овој проект во современ. Талентираната актерска екипа, односно организацијата која пренесува силни емоции преку прекрасни мелодии, рими и динамика, кои произведуваат своевидна хип-хоп опера ја сочинуваат: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски – колектив „Зад аголот“. Ова оригинално сценско дело има настапувано на повеќе домашни и меѓународни фестивали меѓу кои и на „Егзит“, а за најдобра употреба на музика ја добива наградата на меѓународниот театарски фестивал за џез „Нишвил“ во Р Србија. Претставата е во продукција на МКЦ.
Во музичкиот дел од програмата, публиката ќе ја забавуваат: „Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд“, „Пијан Славеј“, „The Ringtones“, „LD Pistolero и Dj Goce feat. R.O.Ν.Ι.Ν“, како и други популарни домашни диџеи. Исто така ќе настапи и Националниот џез-оркестар, со изведби на композициите од „Битлси“.
Покрај изведбите на нашите претстави: „Мој термин“, „Кец на десетка“, „Не се клади на Енглези“, (со добро познатите актерски екипи), ќе гостуваат и претстави од другите театри од државата, како и стендапот „Широк дијафазон“ со Сашко Коцев. Комедијата „Вечера за глупаци“ во продукција на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес ќе се одигра на 20 септември во 21:00 часот. Претставата е работена по текст на Франсис Вебер, во режија на Ненад Витанов, а играат: Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Талија Настова, Јордан Витанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева. На 30 септември ќе се одигра и дипломската претстава од ФДУ – Скопје, „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона, во која ќе играат: Михаил Велков, Наде Дојкоска, Ана Грамосли, Кире Ацевски, Филип Христовски, Гоце Андонов, Ана Јовановска, Виктор Мирчески, Ведран Чешарек и Катерина Јовановиќ од класата на проф. м-р Мими Таневска Србиновска и асс. м-р Ангелчо Илиевски.
Како што истакна в.д. директорот, Никола Кимовски, во првото негово ексклузивно интервју: „Во последните десетина години, за жал, изгубивме многу наши колеги, значајни актери, сценски техничари, портири, но болката од загубата на нашиот Славчо остави длабока лузна кај голем дел од вработените во МНТ, бидејќи неговиот живот згасна прерано. Славиша Кајевски беше алката која ги поврзуваше сите сектори на театарот во една убава и хармонична целина и беше главниот мотор во секој проект независно дали имал мала или голема улога. Затоа оваа сцена го носи неговото име“. Во таа чест ја отвораме летната сцена, за една убава, опуштена и сплотена дружба, преточена во уметност, забава меѓу актерите, музичарите и публиката. Официјалната програма е објавена на веб-страницата www.mnt.mk како и на социјалните мрежи. За отворањето на летната сцена и за сите наредни вечери, влезниците може да се купат онлајн или на билетарницата (која ќе биде отворена на 2 септември) во МНТ.
Сите настани се со почеток во 21:00 часот.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар ја почнува концертната сезона на 30 јануари
На 30 јануари, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар ќе ја отвори концертната сезона со концерт насловен National Jazz Orchestra with String Ensemble.
На концертот, Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет. Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта, како и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како гостин на вечерта ќе настапи Георги Шарески — гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Со овој концерт, Националниот џез оркестар ја започнува новата концертна сезона, поканувајќи ја публиката на вечер во која музиката зборува сама за себе и нè носи надвор од секојдневниот ритам.
Билетите за концертот се достапни онлајн на платформата MKTickets, како и на нивните продажни места.
Култура
Оперскиот бисер „Кавалерија рустикана“ на сцената на МОБ на 28 јануари
Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена.

Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари (Италија). Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.
Култура
Најдоброто од „Киненова“ од денеска во Кинотека
Вечерва (21 јануари) во Кинотеката на Македонија почнува специјалната програма Најдоброто од „Киненова“.
Ова е концентриран избор на најдобрите од најдобрите филмови кои беа прикажани на минатото издание, но и на изданијата претходно. Имаме два победника, филмови добитници на ГРАН ПРИ на МФФ КИНЕНОВА, првиот филм на победникот на последното издание на БЕРЛИНАЛЕТО, Даг Јохан Хагеруд, еден од најактуелните и најпровокативни Палестински филмови и многу други сеуште актуелни филмови за кои публиката бараше репризни прикажувања.
Од 18:00 часот, вечерва во чест на големиот професионалец и креативец, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски, инаку лауреат на 10то издание на КИНЕНОВА 25, ќе го прикажеме македонскиот филм ИСЧЕЗНАТИОТ на Арбен Тачи.
А од 20:00 часот, ќе игра српскиот филм ПОМЕЃУ БОГОВИТЕ, на Младен Ршумовиќ, овенчан со две награди на КИНЕНОВА 25, за НАЈДОБРО СЦЕНАРИО и НАЈДОБРА РЕЖИЈА, филм каков не сте погледнале. Автентична приказна заснована на траумите од големите бегалски бранови, кои поминуваат низ балканската рута, а каде во случајов попатна станица е Белград. Што се може да се случи на една жена која попатно го загубува својот брат?
Веројатно само рефлексија на нејзината драма и траума. Ќе можат ли таа и нејзиното најтесно семејство да продолжат по патот на потрагата по основна егзистенција или административниот лавиринт во Белград ќе ги зграпчи и ќе им ја долови заробеноста на еден западен општествен систем каков што е српскиот, каде човечките души се извршители на суровиот систем? Филм-ремек дело, направен во манир на најдобрите филмови од иранската школа. Ќе видите филм каде авганистански, ирански и балкански актери играат во манир на Иранската актерска школа. Меѓу главните улоги е и Никола Ристановски, кој совршено се изразува на Фарси.
Уникатен филм по многу нешта.
Целата програма е на линкот

