Скопје
Мицкоски: Ги замолувам советниците на следната седница на Советот на Град Скопје да ги изгласаат програмите, но ништо нема да се смени

„Мислам дека за Арсовска периодов премногу се кажа сѐ, би кажал дека е единица мерка на личност што создава непријатели наместо да создава пријатели и тоа не е добро, мислам доколку ѝ значи мојот совет“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата на Арсовска дека Советот не ги гласа програмите.
Премиерот Мицкоски рече дека Арсовска обвинува оти состојбите во Градот се катастрофални затоа што не се гласале програмите и ги повика советниците од ВМРО-ДПМНЕ на следната седница на Советот на Град Скопје да ги изгласаат, иако, како што рече, и покрај тоа лошата состојба повторно нема да се промени.
„Ги слушнав тие пораки, не се гласале програмите, па не знам кочеле овие, кочеле оние. Еве јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците што доаѓаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веднаш на следната седница да ги изгласаат тие програми“, истакна Мицкоски.
„Ако е до програмите, но не е до нив. Еве, ќе видите веднаш, мислам дека добив информација оти на 29 август има седница, ќе ги замолам советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата тие програми што таа вели дека не ѝ се гласаат, да ѝ ги изгласаме и, еве, ќе видите дека ништо нема да се смени. Еве, да знаете дека буквално ништо нема да се смени“, додава тој.
Премиерот Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не кочи и дека ќе ги изгласаат програмите.
„Тоа што е до нас ќе го направиме и, еве, да не биде и тоа повторно причина да речат, ете, ВМРО-ДМПНЕ кочи. Не кочиме, еве ќе ги изгласаме тие програми, ќе ги замолам да ги изгласаат“, истакна премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Божидар Рајковиќ. (Општина Аеродром)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Крчин. (Општина Карпош)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од ул. Пелистерска бр. 4. (Општина Карпош)
Македонија
По 61 година, учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.
Македонија
Утре и в среда посебен сообраќаен режим во Скопје

Утре и в среда посебен сообраќаен режим во Скопје поради официјална посета на претседателот на Република Словачка, Пелегрини и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
На 14/15.10.2025 година (вторник и среда) во официјална посета на Република Северна Македонија ќе присуствува претседателот на Република Словачка, Н.Е. Петер Пелегрини.
На 15.10.2025 година (среда) во официјална посета на Република Северна Македонија ќе присуствува претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Од тие причини СВР Скопје – Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.