Свет
Бебе во САД почина од жештина, бабата го оставила во автомобил 8 часа

Деветмесечно бебе починало откако неговата баба го оставила во автомобил речиси осум часа. Полицијата го истражува овој случај како смрт поврзана со топлина.
Вчера околу 16 часот, полицијата во Бивил, Тексас добила дојава за дете во автомобил кое не давало знаци на живот, јавува Еј-би-си Њуз. Бебето било на детско седиште во автомобилот на неговата баба, соопшти полицискиот оддел во Бивил.
Според податоците на интернет, температурата во Бивил вчера се движела од 38 до 40 Целзиусови степени.
„Полициски детективи во моментов се на лице место. Смртта на 9-месечното дете изгледа е предизвикана од висока температура. Со прелиминарна истрага е утврдено дека бабата на бебето го оставила детето на задното седиште во автомобилот на детско седиште во 08:30 часот наутро. Бабата се вратила во автомобилот во 16 часот и го пронашла мртвото дете“, соопштија од полицијата.
Додаваат дека бабата ќе одговара за кривично дело убиство, но повеќе детали за случајот не соопштуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Белата куќа објави детали за средбата Трамп – Путин

Средбата меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин ќе се одржи во петок, во Енкориџ, Алјаска, објави Белата куќа.
Портпаролката Каролин Ливит на прес-конференција изјави дека Трамп ќе отпатува за Енкориџ во петок наутро. Средбата ќе биде еден на еден, додаде таа.
Ливит додаде дека средбата ќе биде „вежба за слушање“ за претседателот Трамп. Таа наговести дека има планови Трамп да ја посети Русија во иднина.
Кремљ и Белата куќа претходно објавија дека Путин и Трамп ќе се сретнат во Алјаска на 15 август.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека самитот е „лична победа“ за Путин. „Прво, тој (Путин) ќе има состанок на американска почва, што го сметам за негова лична победа“, им рече Зеленски на новинарите, додавајќи дека состанокот ќе го извади рускиот претседател од „изолација“ и ќе ги одложи можните санкции на САД против Москва.
Ливит појасни дека Трамп се надева на трилатерален состанок со Зеленски во иднина.
Одговарајќи на новинарските прашања за тоа зошто Володимир Зеленски не беше поканет на разговорите, Ливит истакна дека состанокот се одржал на барање на руската страна.
„Овој состанок се случи затоа што претседателот на Русија го замоли претседателот на Соединетите Американски Држави да се сретне преку неговиот специјален претставник, Стив Виткоф“, рече таа.
Таа нагласи дека Трамп ја прифатил поканата токму врз основа на таа иницијатива. „Претседателот се согласува со овој состанок на барање на претседателот Путин“, додаде Ливит. Според портпаролката, примарната цел на состанокот е Трамп и Путин да си заминат „со подобро разбирање за тоа како може да се заврши оваа војна“.
Фото: ЕПА
Регион
Црна Гора го прогласи 14 август за Ден на жалост поради смртта на војникот

Владата на телефонска седница одлучи задутре, 14 август, да го прогласи за Ден на жалост поради смртта на војникот, кој денес загина при превртување на цистерна додека помагаше во гаснење пожар.
Помладиот водник Дејан Божовиќ од Даниловград загина, а водникот Марко Иковиќ се здоби со тешки повреди при гаснење пожар во областа Кучи, во Црна Гора, објави Министерството за одбрана на Црна Гора.
Војската на Црна Гора, во соработка со надлежните органи, спроведува истрага за да се утврди причината и околностите на несреќата.
Свет
Орбан: Русија ја доби војната

Русија ја доби војната со Украина, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан пред состанокот меѓу претседателите на САД и Русија во Алјаска во петок.
Унгарскиот премиер, кој одржува блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин и покрај руската агресија во Украина, беше единствениот лидер на ЕУ кој не ја поддржа заедничката изјава во која се нагласува дека Украина мора да има право сама да одлучува за својата иднина.
„Сега зборуваме како да е ова неизвесна воена ситуација, но не е. Украинците ја загубија војната. Русија ја доби“, рече Орбан во интервју за YouTube каналот „Патриот“. „Единственото прашање е кога и под кои околности Западот, кој стои зад Украинците, ќе признае дека ова се случило и какви ќе бидат последиците“, додаде тој.
Унгарија, која добива најголем дел од својата енергија од Русија, одби да ѝ помогне на Украина со оружје, а Орбан е исто така силно против патот на Украина кон ЕУ.
Унгарскиот премиер тврди дека Европската Унија ја пропуштила можноста да преговара со Путин за време на мандатот на последниот, демократски американски претседател Џо Бајден, па сега е загрозена дека други ја обликуваат нејзината иднина.
„Ако не сте на преговарачката маса, сте на менито“, рече Орбан, додавајќи дека Будимпешта се спротивставила на заедничката изјава бидејќи Европа во неа изгледа „смешна и мизерна“.
„Кога двајцата лидери ќе седнат на преговори, Американците и Русите… а вие не сте поканети таму, тогаш не брзајте кон телефонот, не трчајте наоколу, не викајте однадвор“, рече Орбан.
Фото: ЕПА