Македонија
(Видео) Трајчулески: Бегството на Рамадани било организирано, додека требало да биде во куќен притвор, тој всушност бил на Косово
Мицкоски и Тошковски вчера одмолчеа на прашањата што ги постави СДСМ за бегството на Блерим Рамадани. Тошковски и МВР се скрија во глувчешка дупка бидејќи добро знаат дека информациите што ги поседува СДСМ се точни и не може да ја скријат вистината за бегството на Рамадани, вели Митко Трајчулески, пратеник на СДСМ.
„Затоа, како што најавивме, денес ги објавуваме сите информации кои ги добивме од свиркачи по што бараме ОЈО да започне итна истрага. Истовремено, потребна е неотповиклива оставка од Тошковски и сите лица за кои имаме информации дека се вклучени во организација на бегството на Рамадани. Како што вчера објавивме и според информациите до кои дојде СДСМ, на 10.8. додека Блерим Рамадани требало да биде во куќен притвор, тој всушност бил на Косово. За неговиот транспорт до Косово бил задолжен ни помалку ни повеќе, туку Началникот на северната граница со Косово, Наим Рамука. Човек кој е неодамна поставен на оваа позиција од Тошковски“, вели Трајчулески.
Како шт додава, согласно информациите, Наим Рамука со возило Рено, го земал Блерим Рамадани од живеалиштето каде бил во куќен притвор.
„Од таму се упатиле кон границата со Косово кај Блаце и во 18 часот и 40 минути, по лентата за товарен сообраќај, ја поминале границата без никаква контрола. Наим Рамука, за потсетување, е истиот началник на Тошковски кој ги пропушти Гаши и сватовите да поминат без контрола на истата граница. Потоа, вечерта на 10.8, на ист начин, без контрола Рамука и Рамадани ја поминуваат назад границата кон Македонија и Рамадани се враќа во живеалиштето каде требало да биде во куќен притвор. На 14.08, четири дена подоцна, односно на денот кога Рамадани официјално ја напушта државата, преку границата го носи друго лице. За транспорт, овој пат со возило марка Фолксваген Пасат и скопски регистарски таблички, е задолжено лице вработено во општина Чаир како раководител. Неговиот идентитет нема да го откриеме и ќе почекаме тоа да го направи ОЈО. Ова лице и Блерим Рамадани на границата со Блаце биле пропуштени од раководителот на смена без контрола, кој пак добил директна наредба да ги пропушти од погодете кој, Наим Рамука. Раководителот од општина Чаир го носи и остава на Косово Блерим Рамадани и за многу кратко време се враќа назад и повторно ја поминува границата без никаков документ. Според информациите, тој немал ниту лична карта ниту пасош со себе, но по наредба бил пропуштен да помине назад“, посочува тој.
Според Трајчулески, ова е скандал од светски размери.
„Прашуваме, што правел Тошковски и полицијата додека со часови Рамадани бил надвор од државата? Како е тука виновен било кој друг освен МВР што криминалец баран со меѓународна потерница, се шета преку границата кога сака и како сака. Има ли поголем доказ дека ова е акција на МВР со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ за да се пушти Рамадани на слобода? Ќе молчи ли повторно Тошковски за неговата вмешаност во овој скандал? Ќе продолжи ли да го брани Наим Рамука кој очигледно ја има приватизирано границата за свои политички потреби со амин токму на Тошковски? Ќе има ли конечно одговорност или Мицкоски и Тошковски ќе продолжат да ја префрлаат вината на други?
СДСМ бара:
ОЈО веднаш да отвори постапка за организирано пуштање на слобода на затвореник од страна на лица вработени во МВР и Општина Чаир. Да се истражи кој се учествувал во пуштањето на Рамадани и да се покренат постапки против сите. Доколку ова не го направи ОЈО, ќе сметаме дека го штити МВР и Тошковски од одговорност, но и сите останати инволвирани во овој случај. Бараме Тошковски итно да поднесе оставка, а пред тоа да го направи, да ги разреши сите кои тој ги поставил на границата со Косово почнувајќи од Наим Рамука кој се однесува како шериф на границата. Секако, Рамука ова не би го правел без амин од Тошковски, затоа двајцата мора да заминат. Му порачуваме да не се обидуваат преку жртвени јагниња од пониските ешалони да ја покриваат својата одговорност. Бараме итна и неoдложна одлука за декласификација на камерите и снимките од границата за јавноста да ги види и се увери во нашите информации. Доколку ова не се направи, јасно е дека Тошковски сака да ја сокрие вистината. ОЈО и истражните органи, многу лесно може да ги проверат овие наводи преку камерите, но и граничниот систем за контрола на патници“, завршува Трајчулески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

