Македонија
Перински во посета на Домот за стари лица во Берово: овозможен е престој на 28 нови корисници по сите стандарди
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, директорката на Домот „Д-р Иван Влашки“ во Берово, Живка Бојчовска Каламадевска и директорот на Центар за развој на Источен плански регион, Зујица Ангелова, го посети Домот во кој во завршна фаза е адаптација на дел од објектот и подобрувањето на условите за престој во него, во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој фаза 2“, преку Програмата „Инвестициски проект со дигитална компонента од Грантовата Шема“.
Втората фаза од проектот предвидува и внатрешно уредување на Домот, опремување со мебел и друга потребна опрема, како и хортикултурно разубавување на надворешниот дел.
„Задоволен сум што со завршување на оваа фаза од проектот, успешно ќе се адаптира четвртата ламела, по која ќе се овозможи сместување на нови 28 корисници, а Домот за стари лица ќе добие капацитет за вкупно 67 корисници. Со новата опрема, сите лица ќе добијат соодветни и подобри услови за престој, со пропишани стандарди за згрижување и третман. Со инвестирањето во вакви проекти, инвестираме во подобрувањето на квалитетот на животот и психофизичката состојба на генерациите кои инвестирале во нас и на кои сме им должници,“ истакна Перински.
Вредноста на целиот проект изнесува 22.889.852 денари, Министерството партиципира со 11.015.000 денари, 8.949.000 денари се финансиска поддршка од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка, а преостанатите 2.925.852 денари ги обезбеди Општина Берово од сопствениот буџет.
Перински попладнево ќе биде гостин на свечената седница на Советот на Општина Берово, која ќе се одржи во рамки на „Денови на Општината“ по повод 80 години од ослободувањето на Берово, а ќе положи и цвеќе пред споменикот на паднатите борци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Почна реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на почетокот на градежните активности за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона.
„Станува збор за проект што се реализира на барање и по мерка на жителите. Ова е зафат што долго време беше најавуван и ветуван, но денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало, добива нов лик, уреден, безбеден и функционален јавен простор“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Проектот има за цел уредување на јавниот простор и воведување организиран резидентен паркинг. Реконструкцијата се изведува на вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“.
Во рамки на зафатот се предвидува инсталирање ново улично осветлување, поставување клупи и канти за отпад, како и целосна реконструкција на коловозот и тротоарите со поставување гранитни и травертин плочи.
На дел од улицата се поставува нова водоводна и атмосферска мрежа, додека фекалната канализација е веќе изведена, а каблите на ЕВН се спуштени под земја.

Проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет и вклучува уредување на зелените површини, замена на исушените дрвја со нови садници и поставување ниско зеленило, соопшти Општината.
Проектот се финансира со 70% средства од Светска банка, додека преостанатите 30% се покриени од буџетот на општина Центар.
Македонија
Утре ССМ ќе го блокира Собранието: Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 за работниците е срамно
Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) денес испрати уште еден повик до работниците утре во 9 часот да излезат на протест за минимална плата 600 евра и 100 евра зголемување на сите останати, со блокада на Собранието. Работниците ќе ги блокираат булеварот 11 Октомври и улицата Даме Груев по кои пратениците можат со автомобил да дојдат до Собранието. Ќе бидат пропуштани само возилата на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата.
„Пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати. За да ги заштитиме интересите на работниците, работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањети на минималната плата ( од сегашната минимална плата и новата минимална плата). Пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на работничките плати, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79% зголемени плати кои дополнително ќе се зголемат за 12,6 % доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2% колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8% зголемување на нивните плати. Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за раборниците е срамно“, стои во денешниот повик од ССМ.
Синдикатот потсетува дека истите пратеници кои уживаат право на собраниско бифе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место е нешто што им го скратиле на работниците и нешто што не им го утврдуваат како право на храна и превоз на работниците.
„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците. Ги потсетуваме дека не само што мораат итно да гласаат за зголемување на минималната плата и за згомемување на сите останати плати, мораат да гласаат и за намалување на функционерските плати по иницијативата на ССМ“, повикува ССМ.
Доколку и понатаму молчат, ССМ ќе премине на собирање 10.000 потписи за да ги намали платите на пратениците, а да ги зголеми работничките плати.
ССМ се извини на граѓаните кои ќе имаат потреба да се движат во периодот на блокадата по булеварот 11 Октомври и улицата Даме Груев и нагласи дека секој итен случај ќе биде пуштен да помине.
Македонија
Минатата недела „пајакот“ кренал 101 возило во Општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во периодот од 02.02 до 08.02.2026 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 101 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопштија од претпријатието.

