Македонија
Николова: СДСМ ги зголеми платите во обрзованието, а ВМРО-ДПМНЕ ги изневери наставниците
ВМРО-ДПМНЕ ги изневери наставниците и тие нема да добијат зголемување на платите за 12% во месец септември, изјави денес на прес-конференција, Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
„Министерката Весна Јаневска неколку пати соопшти дека Владата не може да обезбеди пари за зголемување на платите на наставниците. Владата со неоправдани и нерационални образложенија избегнува да ја реализира оваа обврска кон просветните работници. Во изминатите години ДПМНЕ ветуваше поголеми плати, поттикнуваше штрајкови, иако платите на наставниците секоја година се зголемува. Да ве потсетам дека во април 2022, сегашната министерка Весна Јаневска, која тогаш беше опозиционерка, велеше ‘Потребно е Власта да изнајде пари бидејќи за наставниците станува збор’“, вели Николова.
Пратеничката од опозициската партија додава дека сега таа истата Весна Јаневска, откако седна во министерската фотеља, зборува сосема друго.
„Таа и ДПМНЕ ги погазија ветувањата кои ги дадоа пред наставниците и граѓаните. Тоа значи понижување и манипулирање на наставниците и сите вработени во образованието. Дека има пари потврда е луксузирањето на премиерот и министрите кои патуваат со најскапи авионски билети. Тоа е само потврда дека во прашање е избор на приоритети. За ДПМНЕ, наставниците не се приоритет. Наставниците и сите граѓани знаат дека во изминатите 7 години, Владата предводена од СДСМ ги зголеми платите во образованието, кумулативно за над 55%. И во годините на здравствена, економска и енергетска криза, имаше пари за континуирано зголемување на платите во образованието. Ако во 2016 година основната платата на наставниците во основно образование изнесувала 21.100 ден., од септември 2023 год. таа изнесува 33.640 ден. Ако во 2016 година основната платата на наставниците во средното образование изнесувала 21.950 ден., од септември 2023 год. таа изнесува 35.200 ден. СДСМ ги зголеми платите и во високото образование. Така, ако платата на редовните универзитетски професори во 2020 година изнесувала 36.211 ден, во 2024 год. таа изнесува 81.783 ден. Сосема е неоправдано, Владата предводена од ДПМНЕ да тврди дека нема можност да се покачат платите во образованието. СДСМ останува да бидеме партнери на наставниците во заштита на нивните права. СДСМ ќе се спротистави на политиките на оваа Владата која свесно сака да ги стави наставниците и образованието воопшто на маргините на општеството“, завршува Николова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК со нови информации: Излеани реки, поплавени подрумски простории, земјоделски површини и дворови, пријавени свлечишта на патишта
Во Општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите во полскиот дел. Кочанска река има локално излевање кај село Горни Подлог, каде интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Зрновска река се излеа пред вливот во реката Брегалница.
Оризарска река се излеа кај село Грдовци, каде состојбата е најкритична. Поплавени се неколку подрумски простории на куќи во близина на реката. Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација, а МВР го има забрането сообраќајот за моторни возила на северниот влез во селото, извести Центарот за управување со кризи.
Злетовска река и река Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање. Водостоите во горните текови се стабилизираат и имаат тенденција на опаѓање, додека во средните и долните текови состојбата останува критична.
На патниот правец Македонска Каменица – рудник САСА, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри.
Во Пробиштип, поради излевање на реката Киселица на патниот правец село Неокази – село Петришино, сообраќајот е отежнат. За настанот е информиран ЦИК при СВР Штип.
На подрачјето на Скопскиот регион нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите од дожд.
Во Охрид, одржан е состанок на Кризниот штаб на Општина Охрид, со одлука да се стават на располагање сите човечки и материјални ресурси.
Населбата Далјан е поплавена поради излевање на реката Далја. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се врши испумпување од подруми, дворови и деловни простории. Преку бројот 112 се примени поголем број пријави од оваа локација.
Проблеми се евидентирани и на Коселска река кај село Ливоишта, каде надојдената вода го подјадува патот кај мостот кон село Вапила. Надлежните институции се известени.
Во Кичево, водостојот на реките се намалува, но на одредени локации состојбата сè уште е критична. Околу 120 лица од ул. „Прилепска“ и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Во текот на утрешниот ден ќе се изврши увид на оштетените објекти, информираше ЦУК.
Во Битолско, градското подрачје е нормализирано, освен во населбата Стрчин, каде има наноси од земја и чакал. Во селата Кравари, Жабени и Породин поплавени се земјоделски површини, но нема опасност по станбени објекти.
Регионалните и магистралните патишта се проодни, со повремени наноси кои се расчистуваат. Сите јавни претпријатија и надлежни служби интервенираат со механизација и човечки ресурси.
Во Ресен, како последица на врнежите, поплавени се земјоделски површини, дворови и помошни објекти во повеќе села. Ангажирани се екипи со пумпи и механизација, а водостоите постепено се намалуваат.
Во Крушево и Демир Хисар има локални излевања на реката Црна и на реката Обедничица, со поплавени дворови, земјоделски површини и локални патишта. Дел од патната инфраструктура е оштетена, а општинските штабови се во постојана координација и интервенираат на критичните точки.
Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане засега нема излевање на реките. Забележани се подмрзнати коловози на одделни патни правци, каде надлежните служби интервенираат.
На подрачјето на Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема нарушување на редовната состојба, сите патни правци се проодни, а снабдувањето со електрична енергија е стабилно.
Полошки регион
Во Тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон село Ѓермо и месноста Бањиче, кои моментално се непроодни. Општината интервенира со механизација.
Во Мала Речица е пријавено уривање на потпорен ѕид, при што е предизвикана материјална штета. Случајот го обработуваат надлежните служби.
Во општина Желино, пријавено е излевање на реката Вардар во село Стримница, каде е испратена механизација од ЈКП, се наведува во соопштението на ЦУК.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.

