Македонија
МОН: Повеќе нема да доцнат одговорите на барањата и исплатата на финансиската поддршка за учество на ученици на престижни натпревари
Министерството за образование и наука ги менува негативните практики воспоставени од претходните раководни структури на институцијата, кога со месеци, па и години доцнеле одговорите на поднесени барања од страна на талентирани ученици и наставници ментори за поддршка на учеството на меѓународни натпревари и олимпијади. Исто така и доцнењето на исплатата на паричните надоместоци по основ на освоени високи места на престижни натпреварувања, повеќе нема да се случува, известува МОН.
„Со назначувањето на новото раководство во МОН во изминатите два месеца, исплатени се парични награди во износ од 1,4 милиони денари на 15 ментори на ученици кои освоиле медал на меѓународни научни олимпијади во 2022 година. Цели две години никој не се погрижил да им го надомести стекнатото право на наставниците.
Минатата недела на сметките на 16 ученици, исплатени се 276 илјади денари по основ на освоени награди на меѓународни олимпијади, десетта и единаесетта месечна рата. Исто така, исплатен е заостанат долг од 430 илјади денари по основ на парични награди за ученици и наставници ментори кои освоиле прво место на државни натпревари во 2023 година“, соопшти МОН.
Оттаму известуваат дека позитивно се одговорени и пристигнатите барања за покривање на патните трошоци на учениците и наставниците ментори кои учествуваа на Европската јуниорска олимпијада по информатика на која освоија три бронзени медали, како и за учество на Јуниорската балканска математичка олимпијада, каде учениците освоија два бронзени медали.
„Родителите на учениците со право реагираат дека досега не добиле никаква поддршка од државата, иако дел од овие ученици редовно учествуваат и освојуваат награди на овие и слични натпревари.
Министерството станува партнер на талентираните ученици. Наместо незаинтересираност, институцијата покажува проактивност за стимулација, финансиска и логистичка поддршка на младите кои учествуваат на меѓународни научни олимпијади и натпревари, за да постигнуваат уште подобри резултати. Во периодот пред нас, во соработка со здруженијата на ученици и на наставници ќе бидат креирани нови системски решенија со кои, тие повеќе нема да бидат оставени на милоста на институционалните раководства и собирањето донации за поддршка“, се додава во соопштението на МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

