Македонија
Донации и награди за вработените за Денот на рударите од Рудник САСА
Рудникот САСА и оваа година со низа активности и донации го одбележува 28. Август – Денот на македонските рудари, како и двојниот празник на Македонска Каменица. Традиционално, секоја година, САСА ги наградува сите свои над 770 вработени со парични награди и пригодни подароци. Оваа година посебно признание му беше доделено на Александар Стоимиров кој е прогласен за најдобар рудар за 2024 година. Тој и уште 121 негови колеги, кои дале особен придонес за остварување на безбедно и стабилно производство во САСА, добија и дополнителни парични награди и признанија.

Во својата постојана заложба за благосостојба на заедницата, САСА за време на прославата најави и реализираше неколку донаторски проекти. Конкретно, рудникот го започна третиот дел од проектот наменет за подигнување на јавната свест и зајакнување на безбедноста во сообраќајот, кој САСА го спроведува во партнерство со Општина Македонска Каменица и Министерството за внатрешни работи.Оваа фаза опфаќа поставување на нови сообраќајни знаци, ознаки на пешачки премини и други технички решенија на неколку улици во Македонска Каменица, со цел да се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Општината изработи соодветен технички план за проектот со кој се идентификуваат критичните области за подобрување на локалната сообраќајна инфраструктура. Дополнително, како дел од едукативната компонента на овој проект, што се одвива под мотото „Отвори очи и со памет! Во сообраќајот не си сам“, САСА ја поддржа дистрибуцијата на едукативни брошури за возачите од страна на отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи – Штип, во кои се нагласени најважните безбедносни правила и совети за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Вториот донаторски проект кој во овој период се реализираше со поддршка од САСА е обновата на ентериерот на детската градинка во Македонка Каменица. Притоа, целосно е обновена просторијата наменета за најмалите во градинката, а набавени се и нови шкафчиња, гардеробери, масички, столчиња и друг потребен мебел, со што значително се унапредуваат условите за престој на децата.

Во своите тековни напори за промовирање на еколошката одржливост, рудникот САСА за празникот најави донација и на вендинг-машина за рециклирање на пластични шишиња и лименки. Вендингмашината ќе му биде донирана на општинското комунално претпријатие „Камена река“, кое треба да ја одреди локацијата каде ќе биде поставена. По неговото поставување, жителите и посетителите на Македонска Каменица ќе можат да ги одложуваат искористените пластични шишиња и лименки, а за возврат да добијат т.н. зелени поени кои ќе можат да се искористат за различни поволности. Слични машини веќе се поставени и работат на локацијата каде што се наоѓа рудникот.

Како дел од прославата на Денот на рударите, рудникот САСА го одбележа и официјалното пуштање во употреба на новиот апарат за дигитална радиографија во Здравствената станица во Македонска Каменица. Донираната опрема, вредна над 80.000 евра, е најсовремен медицински апарат којпретставува значаен напредок во медицинската технологија и овозможува прецизна рендгенска слика и дијагностика за подобрување на здравствените услуги во локалната заедница.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.

