Македонија
Мицкоски: Ветивме дека во првата година пензиите ќе бидат зголемени за 5.000 денари, тоа ќе го направиме многу побрзо, односно во првите 9 месеци
„Измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување поминаа на вчерашната седница на Владата, така што усогласувањето на пензиите ќе биде линеарно нема да биде процентуално како и до сега. Така што најпрвин од овој септември ќе имаме 2.500 денари зголемување, а потоа и од следниот март уште 2.500 денари“, одговори претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски посочи дека ветување за покачување на пензиите ќе биде реализано побрзо од ветеното.
„Ние ветивме дека во првата година пензиите ќе бидат линеарно зголемени за 5.000 денари тоа ќе го направиме многу побрзо, односно во првите 9 месеци“, кажа Мицкоски.
Во однос на кога ќе поминат измените во законот за Законот за пензиско и инвалидско осигурување премиерот кажа дека првото зголемување треба да пристигне со септемвриската пензија.
„Ќе видиме понатаму какви ќе бидат состојбите со Буџетот, па и понатаму може да имаме пријатни изненадувања за пензионерите, за работниците итн, итн. Така што очекувам најскоро од кога ќе почне да функционира парламентот да помине овој Закон и веќе септемвриската пензија да легне на сметката на пензионерите, зголемена за 2.500 денари“, рече премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Eнергетскиот сектор во Македонија е на дното
Наместо АД МЕПСО да го одржува стабилен енергетскиот систем и да нема покачување на цената на струјата, недомаќински ги трошело народните пари за донации. Eнергетскиот сектор во Македонија е на дното. Последен во низата скандали беше отпишување на долгот во висина од 14 милиони евра, а долгот го отпиша претходното раководство. Долгот беше отпишан затоа што должник е синот на Муса Џафери и други блиски фирми на СДС и ДУИ., велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Што правело претходното раководство, каде завршувале парите на граѓаните? Одговорот е едноставен, парите оделе за донации и спонзорства. За 2024 година на име донации и спонзорства АД МЕПСО предвидело вкупно 12.300.000 денари, а потрошило, односно донирало и спонзорирало 22.712.500 денари. Станува збор за следни донации и спонзорства. Прво, Фитнес клуб Динамик Скопје добил 200.000,00 денари. Второ, 100.000 денари донација на Македонско стоматолошко друштво Скопје. Трето, донација или спонзорство има и на име Шкендија-Арачиново со исплата во март годинава во износ од 300.000 денари“, посочуваат од партијата и додаваат:
„Оттука се поставуваат низа на прашања зошто АД МЕПСО донирало кај стигне, која била целта да спонзорира во фитнес клубови, фудбалски клубови или пак невладини организации. Објаснување и цел на донациите нема. АД МЕПСО има две клучни улоги, а тоа се пренос на електрична енергија и управување со електропреносниот систем. АД МЕПСО треба да обезбеди оптимален и одржлив развој на електропреносниот систем со цел да се задоволат потребите од електрична енергија на корисниците. Поради фактот што Македонија немаше стабилен енергетски систем, имаше покачување на цените на електричната енергија или бевме ограбена држава. Заклучокот е дека народните пари се трошеле недомаќински, односно за донации, а не за стабилен енергетски систем. Ова е резултат на расипничкото владеење на СДС и ДУИ“.
Македонија
Променливо облачно со врнежи од дожд – температурата до 20 степени
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат поројни, проследени со ретки грмежи, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
И во наредните денови ќе се задржи променливо облачно време со врнежи од дожд, проследени со повремена појава на грмежи. До петок се очекува врнежите наместа да бидат пообилни и повремено поројни. За време на викендот се очекува стабилизирање на временските услови, а температурата ќе биде во постепен пораст.
Македонија
Прекинато водоснабдување на улиците Крагуевачка и Драган Ѓакановски-Шпато во Скопје
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известува дека денеска поради изведување на водоводен приклучок Ф 80“ на улица Крагуевачка бр.9, општина Карпош, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците Крагуевачка и Драган Ѓакановски-Шпато од 08:30 часот до завршување на процесот.