Македонија
Пожар во скопските села Соње и Добри Дол, во моментов ситуацијата е под контрола
Центарот за управувњае со кризи (ЦУК) информира дека денеска, од 12:00 часот, пет пожарникари со две противпожарни возила интервенираат на пожар на неутврдена површина во атарот на селата Соње и Добри Дол, во Општина Сопиште.
Со пожарот е зафатена ниска вегетација. Од ЦУК нагласуваат дека во моментов ситуацијата е под контрола.
Скопските пожарникари денеска интервенираат и поради запалено ѓубре и сува трева на Качанички Пат, кај Визбегово.
Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имало 37 пожари на отворен простор, од кои 29 се изгаснати, три се ставени под контрола, а пет се се уште активни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кузеска: Нов скандал, Тошковски го ослободил бодигардот на Мицкоски кој тепаше полицаец
Денеска објавуваме нов скандал поврзан со работата на министерот Панче Тошковски и МВР. Јавноста уште еднаш ќе се увери дека со Мицкоски и Тошковси нема ниту правда, ниту одговорност за блиските до ВМРО-ДПМНЕ. Се враќа МВРО-ВМРО на голема врата, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Обезбедувањето на Христијан Мицкоски, полицаецот Ивица Бисовски, кој тепаше друг полицаец пред кафе барот Мош во Скопје, Тошковски го ослободил од одговорност. Сериозниот инцидент, се случи во февруари 2024 година, а натепан беше полицаец, инспектор во НТШ додека спроведувал акција против дрога. Беше поведена дисциплинска постапка и комисија а лично Тошковски најавуваше и кривични пријави. Се случи спротивно. Тошковски го ослободува Бисовски“, посочува Кузеска.
Како што вели, иако Комисијата за дисципинска постапка побарала Бисовски да биде казнет, лично Панче Тошковски го ослободува бодигардот на Мицкоски од одговорност.
„За блиските луѓе на Мицкоски се е дозволено, дури и да тепаат полицајци. “Одреден припадник на МВР сторил насилство со што ја погазил честа на службите во Министерството, па и честа на Македонија“ Вака зборуваше Тошковски на 19 февруари како технички министер, веднаш по инцидентот. Епа министре Тошковски вие денеска не само што го погазивте зборот, ја погазивте честа и угледот на целото МВР, на сите полицајци. Покажавте дека ниту за правдата, ниту за одговорноста, ниту пак за тепаниот полицаец кој изеде ќотек пред кафе барот Мош воопшто не ви е грижа. Го повикуваме Панче Тошковски да излезе пред јавноста и да одговори? Дали оваа срамна одлука е донесена под директен налог на Христијан Мицкоски? Која е вистинската причина за која е ослободен Бисовски? Доколку Тошковски не одговори, СДСМ ќе ги даде одговорите пред јавноста“, завршува Кузеска.
Македонија
Прва јавна расправа за Предлог законот за кривична постапка
Министерството за правда во соработка со Организацијата за безбедност и соработка во Европа-Мисија во Скопје, ја организираше првата јавна расправа за подрачјата на Апелационите судови Скопје и Штип за Предлог законот за кривична постапка.
Вакви расправи ќе се одржат и за подрачјата на Апелационите судови во Битола и Гостивар. На настанот присуствуваа судии, обвинители, адвокати, полициски службеници и претставници на граѓанскиот сектор.
Јавната расправа ја отвори заменик министерот за правда Ален Дерабан кој во своето обраќање се осврна на клучните измени на ЗКП чија цел е имплементирање на директивите на ЕУ како и отстранување на недостатоците кои беа детектирани во досегашната примена на законот.
,,Особено значајни се новините кои се однесуваат на замрзнувањето на имот и конфискацијата, електронската достава и дигитализација на кривичната постапка, унапредување на одредбите за посебните истражни мерки и зголемување на ефикасноста, зајакнување на процесните права на жртвите согласно стандардите на Европската унија и Советот на Европа, како и воведување на одредби за задолжително спроведување на финансиските истраги со цел сузбивање на корупцијата и економскиот криминалитет и други значајни новини,”рече Деребан.
Заменик министерот посочи дека справувањето со корупцијата и организираниот криминал се еден од врвните приоритети на оваа Влада а Министерството за правда интензивно работи на унапредување и изнаоѓање на соодветни законски решенија со цел сузбивање на овие појави.
Македонија
Слави Трифонов до Николоски: Вие постоите затоа што Бугарија постои 1.300 години, не сме ние мизерни, вие сте
Лидерот на политичката партија, Има таков народ, Слави Трифонов, скандалозно реагираше на изјавата на вицепремиерот Александар Николоски кој претходно ја нарече Бугарија нецивилизиран домаќин.
Трифонов во коментарот на социјалните мрежи напиша дека можел да биде многу груб, но љубезно ќе одговори, а потоа продолжи: „Вие постоите затоа што 1300 година постои Бугарија. Зборувате затоа што бугарскиот јазик постои 1162 години. И некој како тебе може да биде вицепремиер, затоа што луѓето како мене, наместо да го прават тоа што го чувствуваат и сакаат – се воспитани, релативно кротки и ги почитуваат правилата и законите на ЕУ. Ние не сме мизерни – вие сте мизерни. А Бугарите во Северна Македонија не се слуги, туку вие сте слуга – претпоставувам на Србите. Единствениот правилен курс во оваа ситуација е што поскоро да биде отповикан амбасадорот на Северна Македонија во Бугарија“.
Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев, рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги. На изјавата реагираа бугарското МНР, кабинетот на претседателот Радев и голем број политичари од Софија. Бугарија официјално соопшти дека зборовите на Николоски ги оценува како провокација и ги информирала партнерските држави.
Новите вербални конфликти помеѓу двете држави почнаа со посетата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Софија чијашто цел беше голем културен настан. Сиљановска за време на посетата оставари неформална средба со Радев, кога се појави фотографијата на која двајцата се ракуваат, а зад неа е бугарското знаме. По реакциите дома и коментарите на опозициската СДСМ која го опиша настанот како дипломатски дебакл, од кабинетот на Давкова истакнаа: „Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“.
Бугарија потоа објасни дека македонското знаме не било истакнато бидејќи се работело за неформална средба.
„Ако државник од соседната земја доаѓа да пие кафе во Бугарија, треба ли да го истакнеме неговото знаме“, рече советникот на Радев, став кон кој се придржуваше официјално и политичкиот врв во Софија.
Тензиите дополнително ги подгреа потегот на бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, кој одби да ја прифати протестната нота.