Македонија
Mицкоски обвини за обид за поткуп, до обвинителството не стигнало пријава
Премиерот изјави дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра, кој истекува на 17 септември годинава. Како премиер, рече тој, не може да стави потпис и да потроши половина милијарда евра јавни пари за проект што завршува на половина тунел во слепа улица.
„Додека јас сум премиер, место за криминалците во политиката ќе нема. Mораме силно да се бориме против криминалот и корупцијата, порача денеска од Македонска Каменица, премиерот Христијан Мицкоски.
Од Основното јавно обвинителство и од Обвинителство за организиаран криминал и корупција велат дека досега не добиле пријава за понудениот поткуп, кој вчера го обелодени Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За четири месеци во Клиничкиот центар ќе се прават и потешките операции, Таравари го потпиша договорот за нова компресорска станица
Почна да тече рокот за изградба на нова компресорска станица во Клиничкиот центар која ќе овозможи хируршките сали да работат во полн капацитет. Министерот за здравство Арбен Таравари денес извести дека го потпишал договорот со компанијата „Винора“, единствената која се пријави на повторениот оглас.
„Компанијата е сериозна, професионална за оваа работа и се надевам дека, според нив, за четири месеци целиот зафат ќе биде завршен. Договорот го потпишавме завчера. Ако некој се жали во меѓувреме тоа нема да биде добронамерно оти на три повици не се пријави никој“, рече министерот Таравари денес по посетата на Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација.
Хируршките сали во Клиничкиот центар функционираат со надворешни компресори и со намален интензитет од мај, годинава, кога се појави смрдеа во дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух. Потешките операции место во Клиничкиот центар, до декември ќе се прават во Градската општа болница „8 Септември“ и во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Македонија
Германија со чартер летови депортира 36 лица до Белград и Скопје, меѓу нив имало осудени криминалци
Првиот чартер лет како дел од најновата офанзива за депортација на германската влада полета пред две недели за Авганистан. Вториот вчера од Хамбург до Белград и Скопје. Според весникот „Билд“, во него имало 36 лица, главно државјани на Србија и Косово, на кои им било одбиено правото на азил или поради некоја друга причина немаат право да останат во Германија. Меѓу нив има и осудени криминалци.
Чартер-летот на полската компанија Ентер Ер го изнајми најсеверната германска сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, па се претпоставува дека депортираните биле регистрирани во таа покраина.
Но, за разлика од чартерот за Кабул на крајот на август, овој лет не е сензација, пишува „Дојче веле“. Додека депортациите во Авганистан се контроверзни бидејќи германската влада нема дипломатски врски со талибанската влада во Кабул и организациите за човекови права укажуваат на лошата ситуација во Авганистан, чартерот во Белград и Скопје се чини дека е прашање на рутина.
На лошата состојба со човековите права, особено кога станува збор за Ромите, предупредуваат и организациите за човекови права во случајот на Западен Балкан, но само во првиот квартал од оваа година германските власти веќе депортирале 795 лица во Србија и Косово. .
Германската влада претходно воведе т.н правило за земјите од Западен Балкан што овозможува полесно вработување на граѓаните на овие земји. Правилото кое бара само договор за вработување од германски работодавач, се покажа како успешно и германската влада го продолжи на неодредено време во јуни оваа година.
По изборните успеси на екстремно левичарските и десничарските партии кои се залагаат за ограничување на нерегуларната миграција, се зголеми притисокот врз федералната влада да го исполни ветувањето за интензивирање на депортацијата на луѓето кои немаат право да останат во Германија. За притисокот придонесе и тоа што напаѓачот што ги нападна посетителите на градскиот фестивал во Солиниген во август, убивајќи три и тешко рани десетина лица, е Сириец кого властите не успеаја да го депортираат во Бугарија.
Одвреме-навреме во германските медиуми се појавуваат приказни за луѓе кои по долги години и повеќекратни депортации во земјата на потекло, се враќаат во Германија за да се обидат да добијат статус на престој.
Последниот медиумски случај е протерувањето на Ром од Србија, кој беше протеран од властите во Вајблинген, јужна Германија, и покрај тоа што неговите пет малолетни ќерки живеат во Германија, од кои четири се германски државјани.
Македонија
Николовски – Азески: Договорени редовни консултации со Стопанска комора, целта зголемување на конкурентноста на македонската економија
Унапредување на соработката со бизнис заедницата преку редовни консултации и заеднички настани, што треба да резултира со зголемување на конкурентноста на македонската економија, е договорено на средбата на директорот на Царинска управа Бобан Николовски и претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески. Ваквиот начин на соработка ќе биде дефиниран преку нов Меморандум за соработка каде ќе биде дефинирана новата рамка за унапредување и развој на царинско-деловните партнерства.
На средбата двете страни беа согласни дека на овој начин ќе се овозможи доследност, усогласеност, предвидливост и ефикасност на царинските и деловните процеси.
„Унапредување на односите е многу важно за зголемување на перформансите на бизнис заедницата, а со тоа и за економска трансформација на државата како клучен приоритет на Владата“, потенцира Николовски.
Ваквото ниво на соработка е неопходно, при што двете страни ќе работат на воспоставување процес на редовни консултации и партнерство со бизнис заедницата.
„Стопанската комора ја поддржува и охрабрува Царинската управа да го унапредува царинското работење со воведување на нови дигитални услуги и решенија и осовременување на опремата особено на граничните премини, зашто тоа истовремено ќе значи олеснување и забрзување на постапките и поддршка за извозните компании за зголемување на нивната ефикасност и конкурентност“, вели Азески.