Македонија
Македонскиот концепт: Бугарија со непримерно поведение ја вмешува Македонија во изборната кампања и внатрешните политички односи
„Бугарија со непримерно поведение ја вмешува Македонија во изборната кампања и внатрешни политички односи, со што дополнително го нарушува кредибилитетот на ЕУ во очите на македонските граѓани. Себично е од бугарските политичари, за потребите на изборната кампања, со цел себе си да се претстават како „заштитници на бугаризмот“, да ја вмешуваат Македонија во истата. Уверуваме дека со тоа губат гласови и не добиваат ништо, освен омраза кај Македонците, кои во огромен број одлучуваат кој ќе биде следна власт во Бугарија“, соопштуваат од Македонски концепт.
„Бугарските политичари отворено се залагаат за историски ревизионизам и негаторизам на историските факти, констатирани од европската историографија, особено за двете светски војни. Креирање на лажна историја и обид за нејзино наметнување преку цензура на слободата на говорот со кој им налага на македонските граѓани, новинари или политичари да коментираат по желба на Бугарија, не е решение на овој проблем, туку негово продлабочување. Говорот на омраза против нас Македонците и Македонија кој доаѓа од министри на бугарската влада е поведение без преседан, надвор од здравиот разум и спротивно на сите европски вредности. Тоа ги руши и постулатите на Преспанскиот договор, со што се нарушува безбедноста на Балканот, за што е потребна реакција од НАТО и САД.
Согласно Одлуките на Европскиот суд за човекови права и Комитетот на министри на Советот на Европа, сите оние личности и држави кои се служат со негирање или ревизија на јасно утврдените историски факти, ќе подлежат на санкции. Се криминализира историскиот ревизионизам во сите земји членки на ЕУ и тоа е казниво дело. Очекуваме ЕУ да отвари постапка против Бугарија како држава и да ја смести во редот на негаторите, пред очите на меѓународна јавност.
Убедени сме дека, прогресивниот патриотизам и промоцијата на македонските национални интереси е проевропско поведение и не може да биде толкуван како провокација или конфронтација со соседите. Неправилно е да се очекува од нас да ги промовираме бугарските позиции и потчинето да се однесуваме, бидејќи тоа создава лажно пријателство со Бугарија, лажна надеж и бегање од суштинско решение. Да потсетиме, Македонија е суверена, а не втора бугарска држава!
Потребни се потези со кои се решава, а не се одлага проблемот, од дневно политичка природа, со што се отежнува позицијата на ЕУ во евроинтеграциските процеси на Балкан. Самите Бугари знаат дека немаат никаква корист од т.н. решение „Бугари во Устав“ и дека тоа е спротивно на бугарските интереси. Потребно ни е поинакво решение, базирано на современиот концепт на граѓанските општества во Европа. Ако се фокусираме на перспективата на идните генерации, решение секако ќе има“, се наведува во соопштението на Македонски концепт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес студено утро, преку ден сончево со мала облачност
Времето денеска наутро ќе биде ведро и многу студено, а преку ден ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -11 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени Целзиусови.
И во Скопје студено време во утринските часови, а преку денот сончево со мала облачност и тивко. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Македонија
СДСМ избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денес ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Со тоа ќе стане извесно кој се’ ќе ги носи клучните одлуки во опозициската партија која в година повторно ќе треба да се соочи со гласачите на локалните избори
Социјалдемократите известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.