Свет
Германија депортира 28 лица во Авганистан
Германија депортира осудени криминалци во Авганистан првпат откако талибанците дојдоа на власт, соопшти германската влада.
„Утринава, првпат од август 2021 година Германија изврши принудно враќање на авганистанските државјани во нивната земја на потекло“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој рече дека се работи за осудени криминалци, кои немале право да престојуваат во Германија и кои чекаат депортација извесно време.
„Шпигел“ претходно објави дека 28 лица биле пренесени во Кабул од аеродромот „Лајпциг/Хале“ со чартер на катарската авиокомпанија.
Весникот „Билд“ наведува дека осудените добиле по 1.000 евра, кои треба да им помогнат по пристигнувањето во Кабул.
Федералната влада изрази благодарност до регионалните партнери, кои одиграа клучна улога во извршувањето на ова протерување и најави дополнителни депортации и покрај дискусиите дека Авганистан не е безбедна земја.
Истовремено, не беше прецизирано за кои регионални партнери станува збор. Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, во последните денови ги спомена преговорите со земјите што го опкружуваат Авганистан, како што е Таџикистан.
„Германската влада инсистира на депортации. Безбедносните интереси на Германија се несомнено поважни од безбедносните интереси на криминалците и лицата од кои доаѓа потенцијална опасност“, се вели во владиното соопштение.
По терористичкиот напад пред една недела во Золинген, се разви жестока дебата за односот кон миграцијата на бегалците и недоволното протерување лица што немаат право да престојуваат во Германија или кои го прекршиле законот.
А осомничениот напаѓач, 26-годишен Сириец, требало да биде депортиран во Бугарија, земјата во која е регистриран по влезот во Европската Унија, но депортацијата пропаднала поради неуспехот на германските власти.
Во четвртокот германската влада усвои низа мерки, кои треба да го спречат натамошниот притисок на бегалците врз Германија, која, според мислењето на германската влада, мигрантите најчесто ја избираат како крајна дестинација поради социјалните бенефиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

