Економија
Дурмиши: 300 нови вработувања за Полошкиот Регион

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, ја посети Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Тетово, при што оствари средба со претставниците на НОРМАК и компанијата „Киел Македонија“. Во рамките на посетата, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со градоначалникот на општината, Билал Касами, директорот на Бирото за регионален развој, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, ја посети фабриката „Киел“, при што на менаџментот на компанијата ја предаде употребната дозвола за работа во индустриската зона во Тетово.
Со оваа дозвола компанијата „Киел Македонија“ почнува со работа во новата фабрика, која се наоѓа во Тетовскиот Регион.
„Киел Македонија“ е водечки производител на седишта за возови и автобуси. Во новиот производствен погон во Тетово, кој се простира на површина од 7.500 квадратни метри, е планирано отворање 300 нови работни места во Полошкиот Регион. Новата инвестиција во ТИРЗ Тетово во нов модерен објект, според потребите на клиентите и индустријата, се проценува на 9 милиони евра. Во фабриката во ТИРЗ Тетово во моментот се вработени 40 лица, а вкупниот број на вработени во двете фабрики на „Киел Македонија“ во Тетово е 170.
Групацијата преку „Киел Македонија“ планира, во новиот објект, покрај зголемувањето на производството, да се прошири и во областа на заварување метални конструкции, производство на пена и боја, со што ќе се финализира комплетно производството на седишта за возови, а како центар на сето ова е планирана Република Северна Македонија.
„Сакам да му честитам на менаџментот на ‘Киел Македонија’ што за кратко време инвестираа и изградија нова фабрика во Тетово, која ќе донесе нови технологии, нови работни места и, секако, девизен прилив во земјата. Министерство за економија и труд и јас како министер во наредниот период интензивно ќе работиме на подобрување на бизнис-климата во земјата. Веќе почнавме со измените во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со што сакаме да овозможиме потранспарентен модел за доделување на државната финансиска поддршка за сите компании што инвестираат, вработуваат, растат и се развиваат“, истакна Дурмиши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Германија тврди дека трговската војна би била штетна и за САД

Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, предупреди на опасностите од трговската војна со Соединетите Американски Држави, а сега слично предупредување доаѓа и од Германија.
Германија, најголемата европска економија и трета по големина во светот според податоците на Светската банка, предупредува дека реципрочните тарифи ќе бидат штетни за сите инволвирани страни пред објавувањето на новите царини подоцна денеска од страна на Трамп.
„Трошоците за трговска војна не паѓаат само на едната страна, туку може да станат скапи за двете страни“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој додаде дека Берлин е „подготвен да преговара на европско ниво со Соединетите Американски Држави“ за да не биде вовлечен во трговска војна.
Германската економија е многу зависна од извозот, особено од возилата и автоделовите. Според податоците на германската влада, минатата година биле извезени приближно 3,4 милиони нови автомобили, од кои околу 13 проценти биле увезени во САД.
Економија
„ Имотно-правните пречки ги кочат енергетските проекти“: Министерството за енергетика бара итни решенија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, иницираше состанок со сите релевантни институции за надминување на административните пречки што го кочат спроведувањето на значајни енергетски проекти. На состанокот присуствуваа претставници од АД МЕПСО, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за имотно-правни работи и Министерството за транспорт и врски.
Главниот предизвик што го попречува развојот на овие проекти е долгото чекање на решенија за имотно-правни прашања и сложените процедури за упис на државниот имот во Катастарот. Оваа состојба директно го забавува напредокот на повеќе капитални инвестиции, меѓу кои и проектот Милетково, неопходен за стабилноста на електроенергетскиот систем во тој регион.
„Проектите од ваков обем не смеат да стојат во место поради долги и неефикасни административни процеси. Ова не е само техничко прашање – ова е прашање на енергетска сигурност и економски развој. Одговорноста на институциите е да обезбедат навремена и координирана работа, за државните инфраструктурни проекти да не чекаат непотребно“, нагласи министерката Божиновска.
На состанокот беше договорено засилено меѓуинституционално координирање и утврдување на јасни процедури за забрзување на процесите.
„Министерството за енергетика, во соработка со надлежните институции, ќе работи на конкретни решенија за да се спречат идни застои и да се обезбеди навремена реализација на сите стратешки енергетски проекти“, рекоа оттаму.
Економија
Перински: Сирера системот е основа за ефикасност во спроведувањето на политиката за рамномерен развој

Претставници на министерства, агенции и други институции учествуваат на дводневна работилница наменета за целта, функциите и улогата на СиРеРа електронскиот систем за координација на политиката за рамномерен регионален развој, во кој се внесуваат податоци од институции вклучени во нејзиното спроведување.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска на отворањето на дводневната работилница, информираше дека Министерството за локална самоуправа посветено работи на обезбедување навремено и системско пополнување на системот и веќе 20 државни институции внесуваат податоци во него, зголемувајќи ја транспарентноста и подобрувајќи ја координацијата на политиката за регионален развој.
„Нашата цел е да изградиме функционална база на податоци, која ќе овозможи подобра анализа и носење на информирани одлуки. Крајната цел на сите нас е еднаков развој на сите региони во државата, а тоа секако се постигнува со креирање на политики на база на сигурни податоци, што ни ги овозможува овој систем“, порача министерот Перински. Тој посочи дека планирано е во 2026 година, СиРеРа системот да се поврзе со ИФМИС системот, што ќе овозможи автоматско повлекување на податоци.
Овој систем, поддржан од Владата на Швајцарија, веќе е вклучен во скрининг процесот на Европската унија за напредокот на нашата држава во Поглавје 22. Со тоа, обврската за редовно пополнување на базата дополнително се зацврстува и станува важен сегмент во процесот на европската интеграција на нашата земја.