Македонија
Неделков: СОНК нема да учествува на никакви партиски организирани протести
СОНК нема да учествува на никакви партиски организирани протести, вели претседателот Јаким Неделков, откако СДСМ повика на собир на наставници утре пред Министерството за образование.
„Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како најголем синдикат за образование и наука, во кој членуваат над 20 000 просветни работници, се оградува од секаков вид на политички влијанија и дејствија во образованието. Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект. Политичките партии имаа и имаат можност да докажат колку се загрижени за просветните работници, а тие знаат тоа најдобро да го оценат. СОНК ќе продолжи да делува со сите расположиви синдикални средства во натамошниот период, се до остварувањето на својата цел.
Членовите на СОНК нема да учествуваат на никакви партиски организирани протести и строго ќе внимаваат на мешањето на политиката во синдикатот“, пишува тој на ФБ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски до Столтенберг: Вашата значајна улога во турбулентните години го зајакна и модернизира НАТО
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамките на работната посета на Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој набргу ќе замине од оваа позиција. По тој повод, министерот му врачи на Столтенберг благодарница и плакета за извонредни достигнувања и придонес за евро-атлантската безбедност.
Изразвувајќи благодарност за неговото лидерство и водењето на организацијата, истовремено нагласувајќи ја важната поддршка за нашето членство во алијансата, министерот Муцунски го истакна значењето на личните напори на Столтенберг за зачувување на заедничките вредности и одржување на мирот и стабилноста во Западен Балкан, регион од стратешко значење за НАТО, известува МНР.
Воедно, тој ја потенцира и посветеноста кон политиката на отворени врати на алијансата како клучен фактор за зачувување на регионалната стабилност.
„Вашата значајна улога во турбулентните години го зајакна и модернизира НАТО правејќи ја алијансата покредибилна и поподготвена за зачувување на мирот и стабилноста во евро-атлантската област“, нагласи Муцунски на средбата.
Македонија
Трипуновски: МЗШВ и ФАО проблемот на повеќе од 2.000 земјоделци во Пелагонија го надминуваат со почнување активности за реализација на проектот
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска присуствуваше во рамките на работилницата на проектот поддржан од ФАО.
Министерот се заблагодари на сите присутни што се дел од овој настан кој го означува почетокот на иницијатива што е од големо значење за земјоделскиот развој во Пелагонија, кој е еден од најважните земјоделски региони во Македонија.
„Денеска заедно со претставниците од ФАО сме во општина Битола, на расправа каде што се поканети и земјоделците, настанот означува отпочнување на проектот за решавање на децениски проблем кој што го имаат преку 2.000 земјоделци од овој регион“, истакна министерот Трипуновски.
Тој додаде дека досега земјоделците не беа во можност да го користат земјиштето за земјоделско производство заради сосопственост со државата. Но, со овој проект би се овозможило негово максимално користење.
„Министерството и ФАО ќе ги спроведат потребните активности за забрзано решавање на овој проблем кој што за жал долги години стоел како отворена ситуација“, појасни министерот Трипуновски.
Македонија
Министерот Мисајловски во посета на Првиот пешадиски баталјон
Денеска, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, во придружба на заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, и командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, ги посети припадниците во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево, каде што е лоциран 1. пешадиски баталјон.
За време на посетата министерот Мисајловски од страна на командант на 1. пешадиска баталјон, потполковник Зоранчо Ристовски, беше брифиран за мисијата, задачите и одговорностите на единицата, како и за ангажманот на припадниците на овој баталјон во мировните мисии, вежби и поддршка на други институции.
Министерот Мисајловски пред присутните потенцира дека во наредниот период ќе се посвети поголемо внимание на опремување на капацитетите за потребите на 1. пешадиски баталјон.
Во рамките на денешната посета од страна на припадниците беше извршена и презентација на дел од опремата на 1. пешадиски баталјон.