Македонија
(Видео) Ангелов: Пожарот на Водно е вандализам, искршено е и стакло од продавницата на врвот

Првиот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вели дека пожарот што утринава изби во планинарскиот дом на Водно е вандализам, додавајќи дека имало уште еден пожар на Водно, а било скршено и стаклото на продавницата во подножјето на крстот на врвот на планината.
„Се работи за вандализам на најмалку три места. Од она што можев лично да го забележам е дека пожарот е започнат надвор од Домот од куп ѓубре или дрва кои биле запалени. Според кажувањата на првите очевидци, пожарот се проширил на дрвената рамка на прозорецот на планинарскиот дом“, рече Ангелов.
Пријавата за запалена бандера на средно Водно е добиена околу 07:20 часот, а еден час подоцна и пријавата за планинарскиот дом.
„На лице место забележале дека покрај опожарениот дом, скршено е и стаклото на продавницата“, изјави тој.
Жичарницата не работи и не се знае кога ќе продолжи со работа поради прекин на електричната енергија.
Екипи на Министерството за внатрешни работи се на терен и работат на расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.