Македонија
Андоновски – Стојменова-Дух: Македонија и Словенија ќе соработуваат на полето на дигитализацијата
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Марибор, Словенија, оствари работна средба со својата словенечка колешка, министерката за дигитална трансформација, Емилија Стојменова-Дух. Двајцата министри на средбата разговараа за можностите за соработка во областа на дигитализацијата. Андоновски изрази почит за словенечките достигнувања во дигитализацијата. Тој нагласи дека Македонија има амбиција не само да ги следи туѓите примери туку и да развие свои иновативни решенија.
Андоновски ги претстави целите и приоритетите на новоформираното Министерство за дигитална трансформација. Тој истакна дека Владата на Република Македонија ја смета дигиталната трансформација за клучен приоритет во развојот на земјата.

Новото министерство ќе работи на развој на дигитални вештини, подобрување на инфраструктурата и промовирање дигитални јавни услуги. Фокусот ќе биде на четири главни области: дигитална економија, образование, локален пристап и дигитална јавна администрација.
Министерот Андоновски нагласи дека дигиталната трансформација ќе придонесе за подобро владеење во насока на зголемување на ефикасноста и транспарентноста во јавниот сектор.
Стојменова-Дух изрази подготвеност Словенија да ја поддржи Македонија во овој процес и да ги пренесе позитивните искуства. Таа истакна дека ваквата поддршка е во согласност и со политиките на Европската Унија за земјите од Западен Балкан во забрзувањето на дигиталната трансформација, што е неопходно за унапредување на услугите што ги добиваат граѓаните.

„Целта на Македонија е да стане дигитален центар во регионот. Ова ќе им помогне на граѓаните, ќе ја зајакне економијата и ќе го подобри угледот на земјата на меѓународно ниво“, нагласи Андоновски на средбата.
Двајцата министри се договорија да ја зајакнат соработката во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

