Свет
Во Словенија потврдени три случаи на инфекција со вирусот западен нил

Во Словенија годинава се потврдени првите три случаи на зараза со вирусот западен нил, соопшти Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ), а сите три случаи на инфекција се потврдени во североисточниот дел на Словенија, во Помурје и Подравле.
Годинава, веќе на почетокот на сезоната, регистрирани се заразени во некои земји од ЕУ, меѓу кои и Хрватска.
Заразени има и во Италија, Австрија, Унгарија, Шпанија, Франција, Бугарија, Германија и во Романија, како и во Србија, Албанија и во Косово.
Вирусот западен нил се пренесува преку комарци, па затоа најчесто се јавува во потоплите месеци кога комарците се најактивни. Многу ретко вирусот се пренесува меѓу луѓето преку трансфузија, ткива или донирани органи.
Повеќето луѓе не се разболуваат откога ќе бидат каснати од заразен комарец бидејќи во приближно 80 проценти од случаите инфекцијата поминува без симптоми.
Некои од заразените развиваат краткотрајно заболување придружено со симптоми, како треска, малаксаност, главоболка, осип, болки во мускулите. Инкубацијата трае од три до 14 дена.
Луѓето на возраст над 50 години и оние со ослабен имунолошки систем се изложени на поголем ризик од потежок тек на болеста. По инфекцијата, најверојатно, имунитетот е долготраен.
Благите форми на болеста не бараат третман, но потешките случаи обично бараат болничко лекување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Српските полицајците сакаа да ги растераат граѓаните, но самите паднаа на колена

Видео кое кружи на социјалните мрежи покажува необична ситуација во која полициски службеници сами се најдоа погодени од солзавецот што го фрлиле кон граѓаните.
И покрај тоа што беа во целосна опрема, со маски и шлемови, не успеале да се заштитат од чадот кој ветерот го вратил кон нив.
Во еден момент, неколкумина полицајци ги симнале маските и клекнале на земја, очигледно со потешкотии да продолжат да издржат во облакот од солзавец.
Според коментарите на очевидци и граѓани кои ја следеле ситуацијата, станува збор за иронична сцена во која природата им го „вратила ударот“ на службениците, поради што и видеото брзо се прошири на интернет и предизвика бурни реакции.
Plaćenici gubarski se od sopstvenog suzavca guše, čak su neki skinuli opremu i otišli. ‼️‼️‼️‼️ pic.twitter.com/LmEqDPWbXD
— o0o0o0o (@KoronVirus) September 5, 2025
Свет
Нетанјаху разговараше со родителите на заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес разговараше со родителите на заложниците, Гаџа Гилбоа-Далал и Алон Охел, откако палестинското милитантно движење Хамас објави видео од двајцата, објави канцеларијата на премиерот.
Во соопштението се наведува дека војната против Хамас во Газа „може веднаш да се заврши под условите што ги постави Израел“, објавува „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху објави дека услов за завршување на војната е ослободување на сите заложници, „и живи и мртви“, како и „разоружување на Хамас, демилитаризација на Појасот Газа, израелска безбедносна контрола во Појасот Газа и воспоставување алтернативна цивилна администрација што нема да претставува закана за Израел“.
„Ниедно злонамерно пропагандно видео нема да ја ослабне нашата решителност ниту да нè одвлече од нашата решителност да ги постигнеме овие цели“, се наведува во соопштението, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
Путин: Тешко е да се постигне договор со Украина, средбата е бесмислена

Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека „не гледа многу смисла“ на средбата со неговиот украински колега Володимир Зеленски на која се разговараше за крајот на војната во Украина, пишува The Kiev Independent.
Иако украинските и европските претставници постојано повикуваат на целосен прекин на огнот како предуслов за мировни преговори, Кремљ ги отфрли таквите барања, инсистирајќи на екстремни отстапки од Киев, како што се распуштање на армијата и откажување од воена помош.
„Многу пати реков дека сум подготвен за овие контакти (со Зеленски)“, изјави Путин на Источниот економски форум во Владивосток. „Не гледам многу смисла во нив бидејќи практично ќе биде невозможно да се постигне договор со украинската страна за клучните прашања дури и ако постои политичка волја, за што се сомневам, постојат правни и технички тешкотии“, додаде тој.
Меѓу главните барања на Русија е Украина да ја признае нелегалната анексија на своите територии и да се повлече од делови од тие региони контролирани од Киев. Русија го окупираше и анектираше Крим во 2014 година, а во 2022 година прогласи анексија на делумно окупираните региони Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
Путин тврди дека договорите за окупираните територии мора да бидат потврдени со референдум, што би барало укинување на вонредната состојба во Украина. Од друга страна, Зеленски одби да признае која било окупирана територија како руска, нарекувајќи ја „црвена линија“ што Киев нема да ја премине, а Уставот на Украина наведува дека територијата на земјата е „неделива и неповредлива“.
Путин, исто така, рече дека е подготвен да се сретне со Зеленски, но само во Москва. „Ако Украина сака да се сретне со нас, ние сме подготвени. Најдоброто место за тоа е главниот град на Руската Федерација, херојскиот град Москва“, рече Путин.
Коментирајќи ја поканата еден ден претходно, по самитот во Париз, Зеленски рече дека ако Путин е сериозен, не треба да го покани во Кремљ. „Русија почна да зборува за состанокот, што е веќе добро, но засега не гледаме никаква желба од нивна страна да се стави крај на војната. Зрелите лидери треба да излезат од состанокот на високо ниво со некои резултати, по можност со завршување на војната“, додаде Зеленски.
Путин предупреди дека странските трупи на украинска територија ќе се сметаат за „легитимни цели за уништување“ и дека нивното распоредување би било непотребно доколку се постигне мировен договор. „Ако се појават трупи таму, особено сега, за време на борбите, претпоставуваме дека тие ќе бидат легитимни цели за уништување“, изјави тој.
Неговите коментари доаѓаат додека Европа дебатира за безбедносните гаранции за Киев, вклучително и предлозите за испраќање мировници по евентуален прекин на огнот. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека безбедносните гаранции треба да се обезбедат и на Русија затоа што „никој не може да се потпре на својот збор“.
„Не можете да ја гарантирате безбедноста на една земја со поткопување на безбедноста на друга. Ние би го препознале ова како закана за себе – присуството на меѓународни сили, или какви било странски сили, или сили на НАТО на украинска територија, близу до нашата граница“, заклучи Песков.
Фото: принтскрин