Македонија
Мицкоски: Среќен почеток на сите ученици во новата учебна година

„Добар ден од овде, од Гази Баба, од ООУ ‘Стив Наумов’. За мене, претставува навистина прекрасен ден затоа што некако денот на својот почеток почнува со одбележувањето на учебната година иако симболично тоа би требало да биде на 1 септември, но бидејќи таков е календарот, почнуваме од 2 септември“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
„На мое огромно задоволство можам да кажам дека оваа енергија што денеска ја почувствував овде е прекрасна, дека дечињата желни за наука и желни за образование почнуваат да го чекорат својот образовен пат, зборувам за првоодделенчињата, за сите оние други тоа е веќе дополнително искуство, возбудени родители со многу убава позитивна емоција, нашата порака денеска е да имаат успешен прв училиштен час, школски час, и она што треба да го знаат е дека во животот ништо не доаѓа веднаш и ништо не доаѓа лесно, за сè треба многу напор, за сè треба многу труд да се вложи за да дојдеме до целта што сакаме да ја постигнеме. Јас можам да им посакам многу убави школски денови, многу нови другарчиња и, нормално, сè што сакаат во животот да им се исполни и да работат на тоа да им се исполни бидејќи тоа се смислата и убавината на животот“, посочи Мицкоски и додаде:
„Се сеќавате пред десет-петнаесет години кога зборувавме за компјутер за секое дете, денеска се радувам на максимата учебник за секое дете, но тоа е пак подобро од она што беше, што би рекол еден поранешен политичар во власта, како до сега принципот, сега не е како до сега во минатото, сега имаме нова ситуација, тоа е добра ситуација за учениците бидејќи ќе имаат учебници од кои ќе може да учат и да научат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лабудовиќ најави ревизија на сите спорни урбанистички планови, нови катни гаражи, чиста и безбедна општина со енергетски ефикасни фасади

Во преполната сала на Музејот на Современа уметност, вчера се одржа промотивната Конвенција на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, на која беа претставени кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, и советничката листа.
„На Центар му треба предводник кој ќе биде вистински претставник на граѓаните. Доволно млад и енергичен, доволно стручен и посветен татко на општината. На Центар му треба човек кој ќе воведе ред, ќе создаде урбан развој наместо хаос, ќе го исчисти, ќе го направи безбеден и ќе се бори за секоја негова педа. На Центар му треба вистински центарец. На Центар му треба Мирослав Лабудовиќ,“ беше пораката што силно одекна на Конвенцијата.
Во своето обраќање, Лабудовиќ се обврза дека нема да биде градоначалник кој работи само пред избори, туку човек што ќе им служи на граѓаните секој ден од својот мандат. Тој најави ревизија на сите спорни урбанистички планови, нови катни гаражи во Буњаковец, Капиштец и кај новата Железничка станица, чиста и безбедна општина со енергетски ефикасни фасади, како и изградба на Центар Хаб – мултифункционален младински и културно-технолошки центар.
„Секогаш пред очи ќе ја имам главната цел – моите сограѓани. Ќе работиме секојдневно за да го подобриме нивниот живот и Центар да му го вратиме на граѓанинот,“ истакна Лабудовиќ.
Носителот на советничката листа, Мишко Барзов, додаде дека со визија, системски решенија и чесна работа, советниците на ЗНАМ ќе изградат поуредена, почиста и побезбедна општина, додека лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, порача: „Не смееме да дозволиме Центар да остане во погрешни раце. Време е за промена, време е за вистински човек кој и знае и може. Тој човек е нашиот Миро.“
Движењето ЗНАМ на овие избори настапува самостојно со советнички листи во 53 општини и во градот Скопје, со кандидати за градоначалници во Куманово и Центар.
(Соопштение на ЗНАМ)
Македонија
Гичев: ДПМНЕ ги изневери граѓаните, време е за нова позитивна енергија и прогрес во Свети Николе

„Поминаа четири години откако ДПМНЕ е на власт, а освен празни ветувања, не добивме ништо. Четири години без ниту еден капитален проект, освен чадорите и кафезот во срцето на градскиот парк, кои ќе бидат дислоцирани веднаш по моето доаѓање, во првата недела“, порача од трибината во Свети Николе кандидатот за градоначалник на СДСМ, Дејан Гичев.
Тој ја побара поддршката од граѓаните и вети дека повторно ќе го врати сјајот на градот.
„Време е за промени. Време е за прогрес. Поминаа четири години без привлекување инвестиции. Наместо развој, добивме стагнација, наместо отчетност, добивме молк, и наместо подобар живот, добивме повисоки сметки и пониски стандарди. Ветуваа многу, а не направија ништо. Проектот за базен, кој беше целосно подготвен, беше сопрен без никакво објаснување од раководството предводено од ВМРО-ДПМНЕ,“ рече Гичев.
Уверува дека со напорна работа ќе ја реализира својата визија и програма, со конкретни проекти за подобра иднина.
„Со правилно урбанистичко планирање и грижа за хигиената, Свети Николе ќе го направиме чист, урбан и модерен град за живот. Тоа ќе биде обврска на секој од нас. Ќе работиме на обновување, модернизирање и вложување во спортските објекти, како и на поддршка на спортските клубови, со што ќе го оживееме спортот во нашиот град. Партнерството, координацијата и соработката со невладиниот и граѓанскиот сектор ќе овозможат подобра работа во решавањето на конкретните проблеми на граѓаните“, порача Гичев.
Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ја имале можноста, но ја прокоцкале, градот стагнирал изминативе четири години, а жителите не добиле ништо од ветеното.
„Ние ќе донесеме вистинска поддршка за земјоделците. Ќе обезбедиме основни услови за работа преку тампонирање на сите земјоделски патишта. Ќе ја вратиме загубената чест на земјоделецот, а ќе ја вратиме и душата на градот. Нашата визија е да ја подобриме заедницата. Предлагаме нови политики и мерки кои директно одговараат на реалните потреби на граѓаните. За младите , нов младински центар. За социјално ранливите фонд за самохрани мајки. Во образованието, стипендии за талентирани деца, порача Гичев.
Македонија
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, од утре пад на температурите

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголемува и во текот на ноќта ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 2, а максималните ќе бидат до интервал 12 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 1 степен, а максималната ќе достигне 17 степени.
Од понеделник до среда ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурите ќе се задржат под просекот за овој период од годината. Пораст на дневната температура се очекува од четврток.