Македонија
Муцунски учествуваше на Бледскиот стратешки форум, се заблагодари за досегашната силна поддршка на Словенија во евроинтегративниот процес
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера и денес присуствуваше на Бледскиот стратешки форум кој се одржа во Република Словенија. Во рамките на форумот, Муцунски учествуваше на панелот на тема: „Европа целосна и слободна: Возобновена заложба за европската безбедност“, каде што ја нагласи важноста на проширувањето на ЕУ како најуспешна надворешна политика на Унијата. Тој истакна дека новата македонска влада е посветена на дејствување како кредибилен европски партнер и на спроведување реформски процеси што ќе ги приближат стандардите до оние на земјите-членки.
На маргините на форумот, Муцунски оствари одделна билатерална средба со министерката за надворешни и европски работи на Република Словенија, Тања Фајон. Двете страни разменија мислења за актуелните состојби во земјите и регионот, изразувајќи задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка, потврдена преку заемната помош и солидарност во изминатиот период. Муцунски се заблагодари за досегашната силна поддршка на Словенија во евроинтегративниот процес, додека министерката Фајон потврди дека Словенија и понатаму ќе остане наш пријател и поддржувач на евроинтегративниот пат.
На покана од министерката Фајон, Муцунски присуствуваше на работен појадок посветен на прашањето на сукцесијата на поранешната СФРЈ. На појадокот учествуваа и останатите министри од наследничките земји, кои ја потврдија својата решеност да го продолжат процесот на сукцесија, планирајќи редовни состаноци на министерско и оперативно ниво.
Во рамките на форумот, Муцунски учествуваше и на работен состанок со министрите за надворешни работи и специјалните претставници за Западен Балкан, каде што се дискутираа актуелните состојби во регионот, со акцент на европските перспективи и напредокот во евроинтегративните процеси. Министрите едногласно се согласија дека проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан ќе придонесе за стабилноста и просперитетот на регионот.
На маргините на форумот, Муцунски оствари и други значајни средби, меѓу кои и со заменик-директорот за Европа во Европската служба за надворешна акција, Марко Маковец; претседавачот на Глобалниот Европски центар во САД, Филип Рикер; комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти; и специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Екипи на ЈП „Комунална хигиена“ го чистат Скопје од снегот
ЈП „Комунална хигиена Скопје“ спроведува активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот, соопштија од претпријатието.
Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија.

Екипите на Претпријатието го расчистуваа реонот и околу Градската болница, Владата и Собранието на РМ. Спроведени се и активности за фрлање сол на пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и на сите пешачки мостови.
„ЈП ‘Комунална хигиена-Скопје’ ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот во текот на денов и претстојната ноќ, во согласност со состојбата на терен“, се наведува во соопштението.
Македонија
Изминатите два дена 1026 сообраќајни прекршоци, уапсени пет лица за безобѕирно управување на возило
Изминатите два дена како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1026 издадени платни налози, 150 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле пет лица, сите за возење под дејство на алкохол.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатите два дена евидентирани се 199 прекршоци за неправилно паркирање, 116 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 16 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле тројца возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 33 пешаци. Исто така санкционирани се 93 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 15 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а шест заради техничка неисправност. Санкционирани се и шест возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.
Македонија
Укината забраната за камиони на патот Струга – ГП Ќафасан
Во 10:45 часот на патниот правец А2 Струга – ГП Ќафасан се прекинува забраната за движење на тешки товарни возила, информира АМСМ.
Забрани за тешки товарни возила утрово се воведени на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.

