Македонија
Битола учи од Стокхолм како да се справува со отпадот

Во рамките на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво”, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претставници на општинската администрација и ЈП „Комуналец“, како и претставници на другите општини учесници во проектот, престојуваат во работна посета на Шведска, во градовите Стокхолм и Јевле, каде што ќе добијат повеќе конкретни сознанија и практични примери на подобрување на услугите на општините и комуналните претпријатија во секторот отпад, како и искористувањето на отпадот.
Во предвидените активности, беше реализирана посета на фабриката „Екогас“, која што е во доминантна сопственост на општината. Во неа, се третира органскиот отпад собран од општинските претпријатија, а се обработува околу 27 000 тони отпад годишно. Фабриката произведува 28 GWh гас за возила, со што остварува над 5 милиони евра промет годишно. Исто така, учесниците во проектот беа запознати и со потребата од заедничка меѓуопштинска соработка за управување со отпад, од која што придобивките се повеќенаменски: Повисоки законски барања од власта и поголеми очекувања од граѓаните; Еколошки придобивки; Пониски инвестициски трошоци; Споделување на надлежностите и човечките ресурси; Полесно оптимизација на рутите; Ист надомест во сите општини; Заеднички набавки.
Општина Битола е една од шесте општини од Југозападниот и Пелагонискиот Регион, кои ќе работат на одржливо управување со отпадот, проект финансиран од СИДА (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локалните власти и регионите (САЛАР) и нејзината подружница „САЛАР интернационал“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.
Македонија
Оставката на Папазов помина на владина седница

Владата ја прифати оставката на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Советот на општината ќе треба да назначи в.д. градоначалник на Кочани, откога одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“.
Инаку, Папазов ја поднесе оставката по пожарот во дискотеката „Пулс“ каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени и префрлени низ клиниките во земјава и странство.
Папазов по оставката беше приведен и одреден му беше притвор. Во куќен притвор се и неговите двајца претходници од градоначалничката фотелја.
Според истрагата, тројцата осомничени градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16 март кога се запали дискотеката, не ги извршиле своите правни обврски во согласност со Законот за заштитата и спасувањето, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност. За целиот овој период, како што беше истакнато, Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.