Регион
Вучиќ ја одби поканата на Путин да дојде во Русија: Тогаш имаме важни гости од странство, како што велат децата – метеж во шеснаестникот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека пред десетина дена добил покана од претседателот на Русија, Владимир Путин, да се приклучи на самитот на БРИКС, што се одржува од 22 до 24 октомври во Казан, но изјави дека тогаш ќе има значајни гости од странство.
„Имаме многу важни гостувања, како што велат децата – метеж во шеснаесетникот. Благодарност до луѓето од БРИКС за поканата и до претседателот Путин. Го имаме и Њујорк и веќе знам дека ќе имам разговори со најмалку шест претседатели и најмалку седум или осум премиери на маргините на сесијата на Генералното собрание на ОН“, изјави Вучиќ за новинарите.
Тој изјави и дека Белград на 20 октомври слави 80 години од ослободувањето додавајќи дека тогаш ќе бидат организирани многубројни програми и планови.
„Не заборавајте дека 80-годишнината од ослободувањето на Белград е на 20 октомври и токму Црвената армија, во најголем дел, со помош на нашите војници, го ослободи Белград и ѝ донесе слобода на нашата земја заедно со Русија и сите други што учествувале во ослободувањето“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ одговори: Самиот влегов да ги посетам пациентите од пожарот во Кочани

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по прозивките во јавноста рече дека самиот влегол во Клиничкиот центар на Србија, во посета на повредените од Кочани.
„ Не мора никого да бркаат, еве веднаш и на обвинителите и нив да им соопштам, па јас сум тој. Гордиот Александар Вучиќ, кој учествуваше и чија идеја беше да се изгради и обнови Клиничкиот центар, да вложиме големи пари. И затоа што е толку модерен Клиничкиот центар, тие луѓе имаа каде да дојдат, а јас отидов да ги посетам“, рече тој одговарајќи на новинарско прашање во Париз.
Претходно студентите кои протестираат повикаа на итно покренување постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорот на Универзитетскиот клинички центар на Србија, директорот на Ургентниот центар и началникот на Интензивна нега. Студентите истакнаа дека неовластени лица влегле на одделението за интензивна нега без заштитна опрема и ги снимале пациентите, со што грубо го загрозувале здравјето, правото на приватност и достоинството на пациентите, пренесоа српските медиуми.
И народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ изјави дека ќе ги истражи сите околности наведени во шестото барање на студентите, кои сакаат да утврдат кој им дозволил на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и новинарите да влезат во одделението за интензивна нега.
По пожарот во дискотеката во кој загинаа 61 лице, дел од тешко повредените пациенти беа пренесени на лекување во Белград. Тие беа сместени во одделението за интензивна нега на Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), каде Вучиќ заедно со медиумски тимови ги посети на 17 март, по што беа објавени снимки.
Регион
Имаме голем сојузник во Франција, изјави Вучиќ по средбата со Макрон

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со претседателот на Франција, Емануел Макрон, во Париз изјави дека светот влегува во проблематична ера која ќе трае, и дека добро е што Србија има голем сојузник во Европа, како што е Франција.
Вучиќ за новинарите изјави дека со Макрон разговарал за геополитичките прашања и ситуацијата во регионот и Србија.
„Разговаравме за многу прашања за европската иднина на Србија и ја замолив Франција да учествува на Експо 2027 во Белград, мислам дека ќе добиеме позитивен одговор“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија изјави дека најтешка тема била ситуацијата во босанскиот ентитет Република Српска (РС).
„Се борев да најдам компромисно решение, не можам да прифатам дека единственото решение е апсењето на (претседателот на РС Милорад) Додик. Тоа не е решение, тоа е создавање проблеми“, рече Вучиќ и додаде дека ги презентирал своите идеи за решение на кризата без да прецизира кои се тие.
Зборувајќи за блокадите и протестите во Србија, Вучиќ рече дека на Макрон му пренел како земјата издржала терор во последните четири месеци.
Студентите бараат одговорност од властите за смртта на 16 лица во несреќата во Нови Сад со блокади на факултетите и повеќемесечни протести.
Зад студентските барања застанаа универзитетски професори, просветни работници, земјоделци, адвокати и актери, заедно со граѓаните кои со месеци ги собираат на протестите.
Демонстрациите станаа симбол на поширокото незадоволство од владеењето на правото во земјата, заедно со прашањето дали негрижата и корупцијата на системот доведоа до несреќата во Нови Сад.
Регион
(Видео) Српската полиција приведе демонстрант и го стави во автомобил, тој излезе од другата врата

На социјалните мрежи се споделува видео снимено за време на вчерашниот протест во Нов Белград кога жителите протестираа против планираната изградба на хотел, голем супермаркет и кафуле веднаш до станбена зграда, пишува „Н1 Србија“.
Blok 4 dokle bre ???? pic.twitter.com/o0keHRNv38
— Nemiposmatrač 🇷🇸🇧🇷🇺🇲 (@mavkoo) April 8, 2025
На протестот, според написите, интервенира и полицијата.
На снимката се гледа како полицијата приведува маж, според написите, најверојатно еден од учесниците на протестот. Но, додека полицајците се расправале со насобраните граѓани кои протестираат, истиот човек излегол од полициското возило од другата врата.
Потоа мажот повторно се обратил до полицијата додека ја проверувале личната карта на друг учесник на протестот, но тие не ни забележале дека се работи за истиот човек, пренесува медиумот.