Македонија
„Влен“ во координација со менаџерите во извршната власт – нашите завети се: ефикасност, транспарентност и жестока борба против корупцијата
На работен состанок, коалицијата „Влен“ вчера попладне ги собра сите лидери, министри, заменик-министри, директори и заменик-директори кои ја сочинуваат извршната власт на Република Северна Македонија. Оваа средба означува значаен момент за иднината на служењето во интерес на граѓаните со чесност, отчетност и посветеност, велат од коалицијата.
На средбата се дискутираше за инвестицијата од 34,5 милиони евра за ,,Универзитетот Мајка Тереза” во Скопје, што претставува важен чекор за подобрување на образовниот систем и зголемување на можностите за нашите студенти.
„Ова е доказ за посветеноста на „Влен“ за развојот на образованието и создавањето на подобри услови за младите. Повторно потврдуваме дека нашите завети кон граѓаните се: ефикасност, транспарентност и жестока борба против корупцијата.
Овие принципи ќе бидат основата на секое наше дејствување во Владата и ќе бидат наши водечки светилници. Посебно се залагаме за европскиот пат на државата и ќе работиме на поскорешно членство во Европската унија. Визијата за интеграција во Европската унија е клучна за нашата иднина и развој, и ние сме посветени на спроведување на реформи кои ќе ја унапредат нашата позиција во регионот и пошироко.
По разочарувачкиот однос кон институциите од страна на ДУИ и нивните сателити, ја нагласуваме важноста на создавање на силни и независни институции кои ќе служат како гаранција за заштита на интересите на граѓаните и за подобрување на нивниот секојдневен живот. Наша цел е да изградиме систем што ќе биде одговорен и доверлив.
Ние ќе продолжиме да работиме за Влада која е посветена на одржливиот развој на земјата и која ги почитува принципите на демократијата и отчетноста“, се нагласува во соопштението.
„Влен“ како што најавуваат од коалицијата е подготвен да ја донесе многу очекуваната промена и да им даде на граѓаните она што го заслужуваат: Влада која работи за нив и со нив.
Ги повикуваат граѓаните да им се придружат во нивната мисија за изградба на подобра и посветла иднина на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за јавни приходи
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, и директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова ја формализираа соработката меѓу двете институции со потпишување на Меморандум за соработка.
Со Меморандумот се предвидува зајакнување на меѓусебната координација преку навремена, директна и взаемна комуникација, размена на суштински податоци и информации, како и подготовка и реализација на заеднички проекти со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка.
Целта на Меморандумот е да овозможи систематски и усогласен пристап во размената на податоци меѓу институциите. Во таа насока, на Управата за јавни приходи ќе ѝ бидат ставени на располагање податоците од геодетско-катастарскиот систем, како и други информации и активности од заемен интерес.
Потпишувањето на овој документ претставува континуитет и продлабочување на досегашната успешна соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за јавни приходи.
Директорот Живковски изрази задоволство од потпишувањето на Меморандумот и истакна дека тој ќе придонесе за понатамошно интензивирање на соработката, преку взаемна поддршка и заедничко делување во исполнување на законските надлежности и остварување на заедничките цели на двете институции.
Македонија
Адем Чучуљ предложен за претседател на антикорупциската комисија
Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата едногласно го предложи Адем Чучуљ за претседател на Државната изборна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Предлогот треба да помине и на пленарна седница на парламентот, која, според најавите, треба да се одржи на почетокот на декември.
Адем Чучуљ е актуелен генерален секретар во ДКСК и дипломиран правник со положен правосуден испит.
Огласот за пријавување кандидати за претседател на антикорупциската комисија беше објавен летово откога досегашната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинението во случајот „Адитив“.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Со барањето за зголемување на платите еден судија би примал 160.000 денари, а претседател на суд 360.000
Правосудството наместо да работи за граѓаните и во нивен интерес да ја носи правдата без тој целиот процес да трае со години, тие со едвај 2% доверба бараат двојно зголемување на платите, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Иако македонските правосудни органи, судии и обвинители се едни од најплатените во регионот и Европа, на нив тоа не им е доволно, па бараат да имаат едни од најголемите плати во Европа. Кога говориме со факти и бројки, добро е јавноста да ги знае следните информации. Македонските правосудни органи добиваат од 2,3 до 3,2 просечни плати или во превод, нешто над 100.000 денари па се до над 144.000 денари или во евра од 1700 до 2360. Додека пак претседател на суд во Македонија зема околу 180.000 денари или 3000 евра. И овие плати ги добиваат со нешто помалку од 2% доверба од народот.
Е сега за споредба, нашите соседи од Србија земаат 2,3 просечни плати, или во превод близу 120.000 денари, или околу 2.000 евра, но со 20% доверба од граѓаните. Исто така, со 20% доверба во судството се и граѓаните на Хрватска, земја членка на ЕУ, таму нивните правосудни органи земаат близу нашите претседатели на судови, односно 3350 евра. Словенија, земја со 41% на доверба во судството, платите на судиите се движат од почеток на кариерата од 107.000 денари или околу 1740 евра, додека пак на крајот на кариерата или на врвот на кариерата, достигнуваат до нешто над 4000 евра. Секако, да не ја заборавиме и една од најразвиените држави, Германија, каде што судиите земаат околу 3300 евра плата или околу 200.000 денари, со притоа доверба од 58% од граѓаните“, рече тој.
Манасиевски додава дека со последните барања на судиите и обвинителите и нивните здруженија, тие бараат двојно зголемување на платите, со што, како што вели, еден судија би земал околу 160.000 денари плата или пак претседател на некој суд во Македонија би земал 360.000 денари плата, што е, како што рече, над сите примања кои ги добиваат судиите во Европа.
„Или во превод претседател на суд во Македонија би земал 8 просечни плати, а судија или обвинител би земал околу 3,5 просечни плати. И сето ова почитувани граѓани со само 2% доверба од народот. Повикуваме на разумност и работа од страна на правосудните органи“, рече Манасиевски.

