Македонија
Митева: Филипче да одговори, ја криел ли фирмата од Бугарија за да не се доведе во релација со„ Медикал 420“, од која исчезнуваа наркотици фатени во меѓународна акција
Ул. Гоце Делчев 12, Петрич е адресата околу која се вртат милионите на Заеви и Филипче. Ова е адресата која Венко Филипче сакал да ја сокрие од јавноста кога не ја пријавил својата фирма основана во Бугарија. Имено на адресата на која е регистрирана фирмата на Венко Филипче во Бугарија, е адресата на која претходно се регистрирани низа фирми на Заеви, меѓу нив најпозната е Медикал 420 БГ, вели Марија Митева, портпарол и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Медикал 420 БГ е фирмата во чија поддружница во Битола во 2022 биле пронајдени наркотици во вредност од 800 илјади евра, иако на истата фирма една година претходно и била одземена лиценцата. Оваа фирма во Македонија добила лиценца за производство на марихуана од владата на Зоран Заев, кој кога се одземала нејзината лиценца се изземал од одлучување, со објаснување дека се работи за сопствен приватен интерес или интерес на блиско лице. Фирмата за која Заев потврдил дека тој или блиско лице имаат сопствен интерес е фирмата од која потекнувала и дел од марихуаната која беше запленета во акција на Агенцијата ДЕА на Плетвар. Во таа акција беше уапсен личниот шофер на Трајче Заев и полициски командир“, посочи Митева и додаде:
„За овој скандал Албанската ТВ Ора објави дека има прислушувани разговори кои покажуваат дека високи функционери од владејачката коалиција во Македонија во тоа време директно интервенирале за да се оневозможи успешна операција против шверц со дрога преземена од странска агенција. Телевизијата тогаш објави дека бил вмешан и Трајче Заев, братучед на поранешниот премиер. Ова беше СДС и како тие владееја. Ова СДС сега уште е водено од истите луѓе, истиот близок круг и фирми кои се наоѓаат на иста адреса. Венко Филипче е должен да одговори, дали ја сокрил фирмата во Бугарија од анкетниот лист, за да не се доведе во поврзаност со Медикал 420 од која исчезнуваше марихуана,, фатена во меѓународна акција за за сузбивање на трговија со наркотици?“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Светскиот ден на ромскиот јазик прими припадници на ромската заедница
По повод 5 Ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик, претседателката Сиљановска-Давкова, денеска прими претставници на Ромите: средношколци од Скопје, медиумски и просветни работници, како и поети.
Соговорниците постигнаа консензус за потребата од кодификација на ромскиот јазик, отворање катедра за ромски јазик и овозможување на учениците Роми, да го изучуваат ромскиот јазик не само во училиштата во Скопје, туку и ширум републиката.
На настанот беше прочитан дел од предговорот од првата ромска граматика од Шаип Јусуф. Исто така, беа прочитани стихови од делото „Бели патишта“ на авторот Селим Азис. Авторот Сафет Камбер прочита стихови од делото ,,Слово на душата”, меѓу кои: „Kana ka dikhe chorole sijam, numaj ki atma phiravaja barvalipe. Kamipe bizo sharti isi amen thaj sakoneske daja ole“. („Сиромашни сме по изглед, но во душата носиме богатство. Љубов безусловна имаме и секому ја даруваме”).
Претседателката изрази особено задоволство што првата граматика на ромски јазик, којашто е од непроценлива вредност за милиони Роми ширум светот, е создадена на македонско тло од професорот Шаип Јусуф.
Таа упати порака учениците да си го сакаат, почитуваат и учат ромскиот јазик, како незаменлива ромска татковина.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

