Македонија
Ваучер од 300 евра добија 1.777 работници со ниски примања, може да одат на одмор до декември

Првите десетмина работници со примања во семејството што не надминуваат 50.000 денари, денес, од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, добија ваучери во вредност од 18.000 денари за одмор во домашни угостителски капацитети. Ваучери им се одобрени на вкупно 1.777 работници, а имињата се објавени на веб-страницата на Министерството за економија и труд. Одобрениот износ од 300 евра работниците ќе може да го искористат најдоцна до 1 декември во угостителски објекти за кои Министерството ќе објави список на 15 септември.
Мерката ја најави претходниот министер за економија, Крешник Бектеши, во февруари годинава, со цел да им се помогне на угостителите да имаат гости и по завршувањето на туристичката сезона, но и да им се овозможи одмор на семејствата со ниски примања.
Сегашниот министер Дурмиши извести дека интересот за оваа мерка бил голем.
„Интересот за оваа мерка беше многу голем и од страна на угостителите и од страна на пријавените. Со ова активност им помагаме на угостителите да може да остваруваат дополнителен приход надвор од туристичката сезона, а на работниците со ниски примања им овозможува да користат угостителски услуги во нашите туристички центри“, рече министерот Дурмиши.
Потврдите треба да се подигнат лично во Министерството за економија и труд со приложување документ за идентификација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.