Култура
Љутков: Инвестирањето во Баргала и во Штип е наш влог во афирмацијата на македонската историја и култура
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оствари работна посета на локалитетот Баргала, општина Карбинци, и на националните установи од областа на културата во Штип, при што направи увид во актуелните состојби согледувајќи ги потребите на институциите за периодот што следува.
„Баргала е локалитет од стратегиско значење за нашите политики во однос на развој на културниот туризам, затоа и со надлежната установа Завод и Музеј – Штип и со градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов, ќе се заложиме и за поголема искористеност на туристичкиот павилјон во состав на локалитетот и за промоција на црквата ‘Св. Ѓорги’, кои прават еден исклучително атраткивен комплекс за афирмација на културта и историјата на овој регион“, рече Љутков и додаде дека за овој исклучителен локалитет има изготвено ревалоризација, што ќе обезбеди и нов режим на заштита.
Министерот Љутков рече дека Министерството за култура и туризам продолжува во континуитет да ги поддржува програмските активности на локалитетот, а искажа и поддршка за изнаоѓање алтернативни начини на финансирање, особено во делот за ефикасно ноќно осветление на заштитениот и ограден доцноантички град.
Во Штип министерот Љутков ја потенцира итната потреба од обнова на дотраениот објект на Народниот театар, особено на покривот, кој прокиснува и ја загрозува безбедноста на актерите и на публиката.
„Овде се соочуваме со недостиг од основен технички кадар потребен за одвивање на работата и на Центарот и на Штипскиот театар. Изминативе години не се пополнети ниту највиталните позиции потребни за реализација на продукциите, што довело и до слабо ниво на програмски содржини, недоволен репертоар, речиси затворени институции.
Во приоритетите на нашата политика ќе биде наоѓање модели за постепена кадровска обнова и доекипираност на Центарот за култура како установа која е носител на културниот живот на Штип“, изјави министерот.
Министерот Зоран Љутков и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, разговараваа за начините за обезбедување средства за проектите за кои има конзерваторско одобрение и може веднаш да се работи на нивна непосредна заштита, а тоа се: Саат-кулата во Штип, Хусамедин-пашината џамија или црквата „Св. Илија“, како и за проектот за конзервација на Исарот.
„Предизвик е да се грижиме и да го чуваме културното наследство, да ја анимираме меѓународната заедница за нивната вредност и да овозможиме широка достапност на културните, природните, гастрономските убавини на нашата земја, особено на Штип, и да ги промовираме како наша автентична туристичка понуда“, порача министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

