Свет
Летото 2024 – најжешкото во историјата
Летото 2024 втора година по ред соборува глобални топлински рекорди поради што, најверојатно, ќе биде најжешкото досега, објави денеска Европската служба за климатски промени „Коперник“ (C3S).
„Коперник“ почнал да ги снима временските услови во 1940 година, а тие датотеки ги користеле научниците за да потврдат дека ова лето на северната хемисфера – од јуни до август – било најтопло од прединдустрискиот период во 1850 година.
„Во текот на изминатите три месеци светот се соочи со најтоплите јуни и август, најтоплиот ден во историјата и најжешкото бореално лето“, рече заменик-директорот на C3S, Саманта Бургес. Таа истакна дека екстремните временски услови ќе станат уште поинтензивни доколку земјите не ги намалат емисиите на гасови, кои ја загреваат планетата, пренесува „Ројтерс“. Променливата клима продолжи да предизвикува хаос ова лето, а во Судан поплавите предизвикани од обилните дождови минатиот месец погодија повеќе од 300.000 луѓе и придонесоа за ширење на колерата во земјата разурната од војна.
Научниците потврдија и дека климатските промени предизвикуваат суша на италијанските острови Сицилија и Сардинија и дека го засилиле тајфунот Гаеми, кој во јули помина низ Филипините, Тајван и Кина, при што загинаа повеќе од 100 луѓе.
Климатските промени предизвикани од човекот и природниот временски феномен Ел Нињо, кој ги загрева површинските води во источниот дел на Тихиот Океан, доведоа до рекордно високи температури на почетокот на оваа година. Од „Коперник“ велат дека во разни делови на светот се забележани рекордно високи температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.