Свет
Силен дожд создаде езеро среде Сахара: необична глетка ја обиколи планетата

Најголемата пустина во светот, Сахара, позната по сушните услови, моментно е под силен дожд, кој не престанува да врне од средата, и тоа во северозападна Африка.
Дождот продолжи да паѓа во регионот до четвртокот, а радарите предвидуваат дека ќе продолжи и денеска.
Количината дожд варира од слаб до силен, според радарот.
Zoom Earth сподели видео од движењето на тропскиот бран, кој често се развива во ураган, покривајќи ја Сахара. Исто така, во својата анализа тие ги поврзаа врнежите со малиот број урагани на Атлантскиот Океан, што ги погодија САД оваа година.
„Тропските бранови, кои често се развиваат во урагани, не се појавија толку силно од централна Африка. Еден клучен фактор во формирањето на тропските бранови е интертропската зона на конвергенција. Таа се преселила понасевер од вообичаеното. Ова, во комбинација со рекордно позитивна северноатлантска осцилација (NAO), ги промени временските шеми во Атлантикот и Африка“, според Zoom Earth.
Оваа промена предизвика повеќе дождови во делови од светот, кои вообичаено не добиваат толку големи количини врнежи, како што се пустините Сахел и Сахара.
Наврна толку многу дожд, така што се формира огромно езеро, што е необична глетка, а фотографијата од ова ја обиколи целата планета и ги шокира сите што ја видоа бидејќи се знае дека во Сахара обично нема дожд, тоа се случува еднаш во една деценија, стои во написите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп ги укина царините за мобилните телефони и компјутерите од Кина

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги ослободи паметните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од новиот пакет тарифи, вклучително и давачките од 145 отсто за кинескиот увоз.
Во известувањето објавено денеска од Царината и граничната заштита на САД се наведува дека ослободувањето ќе важи и за стоките што влегле во земјата или излегле од складиште по 5 април.
Администрацијата на Трамп вели дека електрониката нема да се оданочува ниту според глобалната тарифна стапка од 10 отсто, ниту според повисоката стапка што се однесува исклучиво на кинеските производи.
Одлуката е донесена по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите царински правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите, со оглед на тоа што повеќето од нив се произведени во Кина.
Бројни други електронски делови, вклучително и полупроводници, мемориски картички и соларни ќелии, исто така се изземени, во обид на администрацијата на Трамп да се заштити од негативното влијание врз домашната индустрија.
80 отсто од iPhone телефоните наменети за американскиот пазар се произведуваат во Кина, а останатите 20 отсто во Индија. Поради зголемената царинска несигурност, Apple и другите производители, како што е Samsung, со години се обидуваат да ги диверзифицираат производствените синџири со преместување на дел од нивниот капацитет во Индија и Виетнам.
Свет
Израел најави проширување на офанзивата на најголемиот дел од Појасот Газа

Израелската армија ќе ја прошири офанзивата на најголемиот дел од Појасот Газа, најави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
„Наскоро операциите на израелските одбранбени сили ќе се интензивираат и ќе се прошират во други зони во поголемиот дел на Газа, а вие треба да ги евакуирате борбените зони“, рече Кац во пораката до палестинското население.
Кац денеска објави дека израелската армија ја завршила контролата врз „клучната оска Мораг“ меѓу градовите Рафах и Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Свет
Во Оман започнаа посредничките преговори меѓу Иран и САД

Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, денеска започнаа ретки „индиректни“ преговори во Оман, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.
Разговорите меѓу министерот за надворешни работи на Иран Абас Рагши и претставникот на американскиот претседател Стив Виткоф „почнаа благодарение на посредништвото на министерот за надворешни работи на Оман Бадр ал-Бусаиди“, изјави Есмаил Багаи на социјалната мрежа Х.
Портпаролот рече дека преговорите ќе се одржат на местото што го планира оманскиот домаќин, дека претставниците на Иран и САД ќе седнат во салите и ќе си ги пренесат своите ставови преку министерот за надворешни работи на Оман.
Иранскиот министер за надворешни работи Арагши им рече на иранските новинари дека „ако има доволно волја од двете страни, ќе одлучиме за календарот, но се уште е рано да се зборува за тоа“.
„Сега е јасно дека преговорите се индиректни и според нас само за прашањето за иранската нуклеарна програма и ќе се водат со желба да се постигне договор кој е еднаков и води кон обезбедување на националните интереси на иранскиот народ“, рече Арагши.
Американскиот претседател Доналд Трамп и амбасадорот Виткоф овие преговори ги нарекоа „директни“.
Не се очекува веднаш да има генерален договор, но влогот е многу голем за двете земји кои се непријателски речиси половина век, пишува агенцијата АП.
Трамп постојано предупредуваше дека би можел да нареди бомбардирање на нуклеарни постројки во Иран доколку не се постигне договор, а иранските власти предупредија дека може да започне со изградба на нуклеарно оружје од залихите на ураниум.