Свет
Иран ја предупреди Русија да не застане на страната на Азербејџан во граничниот спор

Новата реформска влада на Иран ја предупреди Русија да не оди на страната на Азербејџан во граничниот спор. Иранскиот министер за надворешни работи, Саид Абас Арагчи, го презеде невообичаениот чекор да ја прекори Русија. Забелешките на Арагчи беа јасна референца за одлуката на Москва да го поддржи повикот на Азербејџан за отворање на коридорот исток – запад во Ерменија до ексклавата Нахчиван на западот од земјата.
„Регионалниот мир, безбедноста и стабилноста не се само приоритет туку и столб на нашата национална безбедност. Секоја закана од север, југ, исток или од запад за територијалниот интегритет на нашите соседи или прекројување на границите се целосно неприфатливи и црвено линија за Иран“, рече Арагчи.
Овој конфликт би можел да има пошироки геополитички импликации, односно да послужи како доказ дека новоизбраната иранска влада е подготвена да заземе построг став кон Москва како дел од нејзините напори за ребалансирање на нејзината надворешна политика.
Русија и Иран треба да потпишат нов договор за стратешка соработка, но содржината е сѐ уште отворена за разговор, а во иранската влада има тензии за дипломатската цена за продлабочување на воениот сојуз со Русија, пишува „Гардијан“.
Иран исто така го повика рускиот амбасадор Алексеј Дедов претходно оваа недела за да го изрази своето незадоволство од позицијата на Москва велејќи дека не сака конфликт на нејзините граници со поттик од Москва. Иран се граничи со Ерменија и Азербејџан на север.
Мохсен Резаи, поранешен врховен командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда и секретар на Советот за целисходност, рече:
„Однесувањето на рускиот државник не беше прифатливо и јасно е во спротивност со нивната декларација за пријателство со Иран, овие нејасности треба да се решат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Белорусија испраќа рекордни количини бензин во Русија

Белорускиот железнички извоз на бензин во Русија се зголеми за четири пати во септември во однос на претходниот месец, бидејќи Москва се справува со недостиг на гориво предизвикан од украинските напади врз нејзината енергетска инфраструктура, објавија извори од индустријата синоќа, објави „Ројтерс“.
Неколку руски региони беа принудени да воведат мерки за штедење и привремено да ги замрзнат цените на горивата во последните недели. Причината е недостигот на популарни видови бензин предизвикан од напади со беспилотни летала насочени кон рафинерии и други енергетски објекти.
Како одговор, Москва, исто така, го ограничи извозот на бензин и дизел. Ова не е првпат Русија да се потпира на соседна Белорусија, таа, исто така, го зголеми увозот на гориво минатата година за да го покрие недостигот на пазарот.
Според извори, пратките на бензин со железница од белоруските рафинерии до рускиот домашен пазар минатиот месец достигнаа 49.000 метрички тони, што е еквивалентно на 14.500 барели дневно. Заедно со бензинот, испораките на дизел во септември изнесуваа 33.000 тони.
Свет
Киев бесен на Меркел: „Зборовите на поранешната канцеларка се неприфатливи“

Киев остро реагираше на тврдењата на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел дека Полска и балтичките земји ги саботирале обидите за решавање на украинскиот конфликт во 2021 година, што, како што изјави таа, индиректно придонело за почетокот на „Новата светска војна“, објавува Политико.
Меркел во интервју изјави дека Франција и Германија потоа предложиле воспоставување нов формат за преговори со Русија, кој би ги заменил договорите од Минск, но Варшава и балтичките престолнини одбиле да ја поддржат иницијативата.
Таа проценка предизвика негодување во Киев, каде што висок украински функционер, според Политико, рекол дека зборовите на поранешната канцеларка се „неприфатливи и, искрено, одвратни“.
Во истото интервју, поранешната германска канцеларка, исто така, оцени дека обвинувањето дека унгарскиот премиер Виктор Орбан е „тројански коњ“ на рускиот претседател Владимир Путин во рамките на Европската Унија е „глупост“, посочувајќи на потребата да се запрат меѓусебните обвинувања во рамките на ЕУ и да се обнови дипломатскиот дијалог.
Фото: принтскрин
Свет
Светската здравствена организација тестира смртоносен сируп против кашлица

Светската здравствена организација (СЗО) побара информации од Индија за тоа дали сирупот против кашлица поврзан со смртни случаи кај деца во земјата е извезен во други земји, соопшти денес агенцијата.
СЗО изјави за Ројтерс дека ќе разгледа издавање глобално предупредување за медицински производ во врска со сирупот Колдриф откако ќе добие официјални информации од Њу Делхи, објави Ројтерс.
Според информациите од локалните власти, најмалку 17 деца под петгодишна возраст починале во текот на изминатиот месец откако консумирале сируп што содржел високи концентрации на токсичното соединение диетилен гликол, речиси 500 пати над законската граница.
Фото: принтскрин