Македонија
Јаневска: Подолг престој во училиште за повеќе знаења, но и за повеќе спорт и воннаставни активности

„Продолжувањето на времето на престој во училиште е важно за да се подобри квалитетот на знаењата на учениците. Наставниците ќе можат подетално да навлезат во она што го предавале, ќе има повеќе време за индивидуален пристап кон учениците на кои им треба дополнителна, но и на оние на кои им треба додатна настава. Исто така, ќе има повеќе време за спортување, за воннаставни активности и програми“.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека оваа реформа ќе почне во училиштата кои имаат можност за едносменска настава и дека нема да биде товар за децата.
„Наставниците, по закон, и сега треба да остануваат во училиште по 6 часа. Со реформата, заедно со учениците, ќе остануваат и подолго. Реформата е наставниците да станат функционални, во полза на знаењето, компетенциите и вештините на учениците. Ние сме последни на сите меѓународни тестирања, кои покажуваат дека нашите ученици доцнат во однос на нивните врсници од Европа. Идејата е да спроведеме нешто што дало ефекти во високоразвиените земји“, објасни министерката Јаневска.
Учениците нема цел ден да бидат над книга. Министерката посочи дека наставниот материјал учениците ќе го совладуваат интерактивно, ако имаат домашна работа, истражување, проектна задача, ќе можат да ги завршат.
„Учениците ќе имаат многу спорт, информатика, претприемништво, се она што им е потребно за реално да влезат во животот за кој се подготвуваат, да научат критички да мислат, да решаваат проблеми, мирно решавање на конфликти, препознавање на булинг, прифаќање на различности. Се ова досегашниот образовен систем не го овозможувал. Затоа мислиме дека е потребно наставниците повеќе да се ангажираат. На децата нема да им биде тежок престојот, дополнително ќе имаат и пауза, и разговори, и слободно време, празен час каде ќе завршат некоја обврска или ќе се одморат“, нагласи министерката Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.