Македонија
Силјановска-Давкова по повод 8 Септември: Наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме
Претседателката Гордана Силјановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември – Денот на независноста, во која посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
-На 8 септември 1991 година, македонските граѓани, користејќи го правото на самоопределување, ја изразија својата волја и во огромен број го дадоа својот глас за суверена и самостојна македонска република. Освен на референдумското ливче, таа волја беше изразена и преку озарените лица на илјадниците граѓани спонтано собрани на плоштадот „Македонија“, каде што со голем ентузијазам и надеж за иднината ѝ се радуваа на независноста, стои во честитката.
Со тој чин, додава претседателката, тие, ние, македонските граѓани, на мудар, демократски и мирољубив начин, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, ја напуштивме федерацијата што се распаѓаше и зачекоривме во новата етапа на македонската државност.
-Заокружувајќи го делото на илинденците и на асномците, ја превзедовме одговорноста да градиме модерна, европска, правна држава која ќе обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. Триесет и три години подоцна, ентузијазмот и надежта се, за жал, засенети од бројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи. Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите, нагласува Силјановска Давкова во честитката.
Таа натаму посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.
-Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите, наведува претседателката во честитката.
Истакнува дека само со европеизација на државата, со владеење на правото и со борба против корупцијата, со функционални институции и со компетитивна економија и систем на заслуги ќе им овозможиме на младите генерации, правото на потрага по среќа да го остварат дома, во заедничката татковина, во која ќе работат, ќе основаат семејства и ќе создаваат иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

