Македонија
Николовски со демант: Празни обивнувања и театар од Трипуновски
Пратеникот и поранашен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, ги демантира наводите на Трипуновски.
-Во нашата држава точно се знае кој каква улога има, вклучително и функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, за која Трипуновски по не знам кој пат покажува дека е недостоен да ја држи. Го упатувам министерот прво да се запознае со постапките и надлежностите на органите во неговиот состав, пред да се расфрла со празни обвинувања кон мене, во обид да направи театар пред јавноста и да ја прикрие безидејноста и неспособноста на владата од која е дел“, вели Николовски.
Ги повикува надлежните институции да постапат, согласно искажаните точки од денешната прес-конференција.
„Мојот министерски мандат е познат како еден од најтранспарентните, што се потврдува со фактот дека под моето раководство МЗШВ беше прогласена за најтранспарентна институција и една од институциите со највисок интегритет. Јас како министер ги имам дадено сите потребни задолженија на службите да работат согласно законите.
Во МЗШВ има повеќе од 11.000 договори за закуп на земјиште, и никој министер не може да знае што се случува со секој поединечен договор, па затоа постојат организациони единици задолжени за управување со тие договори. Доколку се утврди дека одреден субјект неправилно се стекнал со субвенции ги повикувам институциите да започнат постапка за поврат на исплатените средства и да покренат постапка пред надлежните органи како и доколку МЗШВ има утврдено недоследности во почитување на договорни обврски за земјиште, тоа е основ за раскинување на истите и очекувам завршница во тој правец“, додава Николовски.
Очекува, како што вели, дека во недостатокот на идеи, мерки како и неспособност за реализација на мерките кои се поставени, ваквите конструкции и лаги насочени кон него да продолжат.
„Граѓаните не сакаат театри и конструкции. Производителите од вас очекуваат достоинствени цени за нивните земјоделски производи а купувачите очекуваат да ги зауздате трговците и цените на прехранбените производи кои ги рушат сите рекорди“, истакнува Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

