Македонија
ВЛЕН: Села и Ахмети злоупотребувале човечки судбини за партиски цели
„За да критикуваш за вработување на Албанците во државни институции треба да имаш образ. Кога некој имал 22 години мегдан да вработи Албанци во јавното здравство, и кога тоа свесно и со умисла не го сторил за предизборно да манипулира со нивните и гласовите на нивните блиски, е тоа е тешка злоупотреба на човечки судбини за партиски цели“, велат од ВЛЕН.
„Како што претходно објавивме Министерот за здравство ја утврдува фактичката состојба на сите клиники во врска со бројот на лица без решен работен статус, оставени во наследство од претходната Влада. Врз основа на анализите за типот на кадар кој бил ангажиран со години со договор на дело, ќе има трајно решение. Денешните обвинувања се уште еден обид кукавичките јајца оставени од Европскиот фронт да се искористат за креирање меѓуетнички тензии за остварување на целта Албанците да се направат штит за криминалиите на поранешните финкционери на Села и Ахмети.
Владата на седница донесе одлука за преиспитување на сите предизборни огласи за вработување, како што многу брзо ќе донесе нова одлука со која ќе се отвори процес на кадровско екипирање на јавното здравство.
Ние сме гаранција дека ниту еден Албанец што ги исполнува условите за решение на неопределено време нема да биде дискриминиран заради идеолошки и политички причини“, соопштуваат од ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

