Свет
(Видео) Поплавите уништија нигериски град, крокодили и змии на улиците
Поплавите во северна Нигерија убиле повеќе од 80 отсто од животните во големата зоолошка градина која била дом на бројни диви видови, вклучувајќи лавови, крокодили, биволи и ноеви, соопштија претставници на зоолошката градина.
„Поради поплавите до блиските населби стигнаа опасни животни како крокодили и змии“, се наведува во соопштението на зоолошката градина Санда Кјарими Парк во врска со поплавите во нигериската сојузна држава Борно, со апел до жителите да бидат внимателни.
Поплавите почнаа кога браната се прелеа по обилните дождови, принудувајќи илјадници луѓе да ги напуштат своите домови.
Катастрофата погоди и други клучни објекти во главниот град на државата Борно, Мајдугури, вклучувајќи ја поштата и болницата, соопшти кабинетот на нигерискиот претседател Бола Тинубу. Претседателот, исто така, ги повика луѓето да се евакуираат од најтешко погодените области.
„Во оваа куќа живееме 20-тина од нас. Овде сум со членовите на моето пошироко семејство. Немаме ништо – се преселивме во училиштето пред повеќе од три недели. Немаме кревет, мрежа против комарци, храна или пари. Јас сум земјоделец и рибар, но во моментов немаме што да правиме, а децата се болни, а немаме средства да ги однесеме во болница“, изјави еден од жителите, пренесе „Гардијан“.
Претседателот Тинубу изрази искрено сочувство до владата и народот на државата Борно, особено до семејствата кои ги загубија своите средства за егзистенција поради катастрофата предизвикана од излевањето на браната Алау. Тој нагласи и дека хуманитарните потреби ќе се решат што е можно поскоро.
Поплавите во североисточна Нигерија минатиот месец однесоа најмалку 49 животи, додека во катастрофалните поплави во 2022 година загинаа повеќе од 600 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Објавени имињата на сопружниците кои загинаа враќајќи се од Германија, братот на починатиот е во кома
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи рано утрово на автопатот Белград- Ниш, во близина на клучката Умчари, две лица го загубија животот, додека друг патник е итно однесен во болница со тешки повреди.
Познато е дека во возилото на несреќата биле двајцата браќа Назим и Шкелзен Авдиу, како и сопругата на Шкелзен.
Свет
Орбан: Распадот на Украина би бил катастрофа за Украина
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека распадот на Украина би имал сериозни последици по неговата земја.
– Немојте да се залажувате: распадот на Украина би бил катастрофа за Унгарија, напиша Орбан на платформата Икс.
Тој додаде дека стабилноста на соседните држави е важна.
– Унгарија ја снабдува Украина со 44 отсто електрична енергија и 58 проценти гас. Во меѓувреме, војната ја слабее Украина секој ден. Само мирот може да ја зајакне. Секој кој навистина ја поддржува Украина мора да сака мир, и сега, посочи Орбан.
Свет
Нема да има блокада на граничните премини со Грција за време на празниците
Грчките земјоделци најавија прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, овозможувајќи им непречено патување за граѓаните.
Блокадата на земјоделците е проблем за многу македонски државјани кои изминативе недели им беше отежнато патувањето кон или од Грција.
Грчките медиуми известуваат дека за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да патуваат.
Земјоделците одлучија да ги прекинат блокадите и да ги отворат граничните премини и патиштата во два периода: од вторник, 23 декември, до недела, 28 декември 2025 година и од вторник, 30 декември, до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, премиерот на Грција посочи дека многу од барањата на земјоделците од неговата држава се исполнети.„Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост“, објави на Фејсбук премиерот Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања.

