Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Љупчо Николовски префрлил половина милион евра народни пари на фирма на мајката на сопственикот на НИКОБ
Љупчо Николовски, додека бил на функција наместо да мисли за државата и да биде министер за сите, тој се однесувал како дон или бил Љупчо Дон Николовски заинтересиран за партијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го дека злоупотребувал народни пари и неколку години по ред ги исплаќал милионски суми без основ на фирма блиска до СДСМ. Тоа го правел, како што тврди владејачката партија, преку договори со фирмата Арекспорт од Струмица, односно дал под закуп државно земјоделско земјиште со површина од 1.416 хектари.
„Арекспорт е фирма зад која стои Митра Лазарова, мајка на Кирил Лазаров, газда на НИКОБ, главен лик за тендери на СДС, почнувајќи од ЕВН, преку државни институции како Град Скопје, Влада, па пак се до прифатни фирми, поточно лаборатории од периодот на ковид отворени во време на Филипче.
Лазарови како блиски пријатели Заев и Филипче се главни столбови на СДС и токму затоа и Љупчо Дон Николовски префрлувал милиони на Арекспорт.
Прво, Арекспорт склучила неколкугодишен договор за закуп со Министерството за земјоделие за наводни лозови насади.
Второ, наместо лозов насад стотиците хектари биле наменети за едногодишни култури. Ова е спротивно за договор за закуп, потоа спротивно е и што давале на други лица да ја работат земјата.
Трето, фирмата не плаќала ниту за закупот на земјиште. Или Арескпорт не платила закупнина во висина од 30 илјади евра за 2022 и 2023 година.
Фактот што воопшто не се работело по договорот за закуп е основ за раскинување на истиот, но Дон Николовски не се интересирал за правните норми, туку за партиските правила.
Оттука фирмата на семејството НИКОБ добила 485.000 евра за субвенции на кои немала право.
Дон Николовски да каже зошто не го раскинал договорот кога фирмата не го почитувала истиот?
Дон Николовски да каже каков интерес имал тој, а каков партијата и поединци од партијата?
Дон Николовски е на дело фатен во криминал и за истиот треба да одговара.
Денес продолжуваме со нови докази за тоа колку е оштетен буџетот, а надлежните институции треба да постапуваат навремено и транспарентно“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поплавени куќи во селата Буковиќ и Семениште во општина Сарај
Во тек се активности за санирање на последиците кај поплавени куќи кај селата Буковиќ и Семениште во општина Сарај.
– Екипи од Бригада за противпожарна заштита на Град Скопје и Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти и расчистување на критичните точки, додека ЈП Водовод и канализација – Скопје стабилизираат и прочистуваат канализациската мрежа за да се спречат дополнителни излевања. Паралелно, Дирекција за заштита и спасување ја проценува штетата и обезбедува логистичка и техничка поддршка во тесна координација со локалните структури, информира ЦУК во објава на Фејсбук.
Оттаму наведуваат дека директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со градоначалникот на Општина Сарај, Мухамед Елмази, првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали и министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, се на терен каде непосредно ја следат состојбата по обилните врнежи од дожд и ја координираат целокупната институционална реакција за справување со последиците од поплавите.
– Со координирано дејствување на сите институции, се преземаат интензивни мерки за најбрзо можно санирање на последиците, заштита на населението и минимизирање на материјалната штета. Надлежните служби остануваат на терен сè додека состојбата целосно не се стабилизира, велат од ЦУК.
Како што соопшти претходно ЦУК, по обилните дождови во изминатото деноноќие, поплавени се повеќе куќи на улица „Прилепска“ во Кичево, од каде евакуирани се 180 лица, како и дека во поплавена куќа во гостиварското село Балиндол биле заглавени две деца и нивната мајка. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево, како и поплавени куќи во гостварските населби Циглана и Бањечница и подруми и дворни места во Скопско.
Македонија
Во Гостивар две деца и нивната мајка останаа заробени во домот поради поплавите
Поради непрестајните врнежи и излевањето на реките, западниот дел на Македонија се наоѓа во вонредна состојба. Во Кичево, стотици семејства беа евакуирани додека водата ја проголта улицата „Прилепска“ и зафати делови од болницата. Во Гостивар, две деца и нивната мајка останаа заробени во домот, опкружени со бучавата на дивата вода, додека спасувачките екипи брзаа да стигнат навреме. Во Тетово и Скопје, поплавените патишта и подруми создадоа хаос, а надлежните апелираат на внимателност и трпение додека траат интервенциите.
Обилните врнежи од дожд во текот на ноќта и претпладнево предизвикаа воден хаос во Западна Македонија. Најкритично беше во Кичево – градот се најде под вода затоа што Зајашка Река се прелеа од своето корито и ја проголта улицата „Прилепска“, потопувајќи домови и доведувајќи ја во опасност болницата. Сопствениците на куќите гледаа како водата се качува до прозорите, а стравувајќи за сопствените животи. Во паника, надлежните успеаја да евакуираат околу 180 луѓе, кои сега се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Таму, меѓу треперење и страв, се делат ќебиња, душеци, храна и вода, додека спасувачите од Скопје работеа без престан да им помогнат на најпогодените.
– Поради настанатата кризна состојба предизвикана од поплавите, Општина Кичево ги има преземено сите максимални мерки и сите расположливи капацитети се целосно ставени во функција на терен. Во насока на побрзо и поефикасно справување со состојбата, побарана е дополнителна помош од Министерството за одбрана и од Министерството за животна средина. Дополнително, ангажирани се сите приватни компании кои располагаат со тешка механизација, со цел да се вклучат во интервенциите и расчистувањето на критичните точки. Упатуваме апел за смиреност, трпение и соработка до граѓаните. Се преземаат максимални напори за да се надмине оваа кризна ситуација и да се обезбеди навремена помош и безбедност за сите засегнати – изјавија од Општина Кичево.
Во Гостивар, драмата го достигна врвот – во селото Беловиште две деца и нивната мајка останаа заробени во нивниот дом, опкружени со бучавата на дивата вода. Тие изјавија дека сè се случувало брзо, а секундата им изгледала како вечност, додека ТППЕ и ОВР Гостивар трчале да ги спасат.
Во Тетово, дождот предизвика свлечиште кое го блокира патот кон селото Ѓермо, а снежните врнежи дополнително ја усложнуваат ситуацијата за сите патници и спасувачи. Поради снежни врнежи е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси кон Попова Шапка. Иако водостојот на реките засега е стабилен, сообраќајот е сериозно попречен.
Ниту Скопје не е поштедено – низ приградските населби Идризово, Буковиќ, Зелениково и Радишани се пријавени поплавени дворови и подруми, а луѓето гледаа како водата ги уништува нивните поседи. Спасувачки екипи веднаш излегоа на терен да се борат со невремето и да ги санираат штетите.
Македонија
Десет возачи лишени од слобода за возење без дозвола, со забрана и под алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата вчера лишија од слобода десет возачи, од кои осуммина поради возење без возачка дозвола, двајца поради управување со возило со активна мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и еден поради возење под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека двајца возачи се лишени од слобода во Тетово, а по еден во Куманово, Битола, Свети Николе, Штип и Кочани поради управување возило без возачка дозвола. По еден возач во Велес и Свети Николе управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во гевгелиско управувал возило под дејство на алкохол, се наведува во соопштението.
Додаваат дека лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесат за побезбеден сообраќај.

