Скопје
Герасимовски: Реновирана свечената сала и нов мебел во кабинетот за првачиња во ООУ „Димитар Миладинов“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски изврши увид во ООУ „Димитар Миладинов“ каде што во текот на летниот период беше обновена свечената сала.
Во салата со површина од 400 метри квадратни, санирани и варосани се таванот и внатрешните ѕидови. Целосно реконструирана е влезната просторија меѓу двете сали, каде е поставен нов ламинат. Свечената сала веќе е ставена во функција, а градоначалникот Герасимовски очекува дека реновираниот простор ќе си ја оправда својата намена.

„Добивме уредена сала за одржување приредби, настани, културно-општествени манифестации. Денеска и присуствуваме на настанот со кој се одбележа и Светскиот ден на првата помош, во организација на Црвениот крст на О.О.Центар. Осмоодделенците имаа можност, во чист и пријатен амбиент, да се стекнат со знаења за основите на прва помош. Имавме одличен настан, а ова е само почеток“, истакна Герасимовски.
Свечената сала е реновирана со средства од донации што ги обезбеди самото училиште.

Покрај оваа инвестиција, училиштето го опреми кабинетот за првачињата со нов мебел, во вредност од 200.000,00 денари.
Подобрување на условите во образовниот процес и квалитетната едукација се темел на нашата иднина, потенцираше Герасимовски, за време на посетата на основното училиште ООУ „Димитар Миладинов“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари финансиска поддршка за младите претприемачи од општина Илинден
Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини во регионот, со континуиран раст на локалните економски зони и бизнис секторот, продолжува со активни мерки за создавање поволна бизнис клима и поттикнување на претприемништвото, велат од Општината.
„За таа цел, општина Илинден во 2023 година воведе субвенции за млади претприемачи кои имаат регистрирано трговско друштво со седиште на територија на општина Илинден. Од оваа година, наместо досегашната финансиска поддршка од 6.000 денари за млади до 29 години, општина Илинден овозможува финансиска поддршка од 10.000 денари во времетрање од три години, за сите млади до 35 години кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси. Мерката важи од денот на отворање на бизнисот и има за цел поттикнување на младинското претприемништво, самовработувањето и развојот на локалната економија.
Средствата за реализација на оваа мерка во целост се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, што уште еднаш ја потврдува посветеноста на локалната самоуправа кон поддршка на бизнис секторот, претприемништвото и развојот на локалните економски зони“, извести Општината.
Македонија
Ѓорѓиевски: Убава вест за Скопје – набавуваме повеќе од 40 возила за Комунална хигиена
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше за започнување на најобемната инвестиција во јавната чистота во изминатата деценија, со официјален почеток на постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“.
„Со оваа одлука, Град Скопје прави суштински исчекор кон трајно и системско решавање на проблемот со одржувањето на јавната чистота, подобрување на хигиенските услови и обезбедување достоинствено, организирано и ефикасно собирање на отпадот во сите скопски населби.
Проектот се реализира преку координирана соработка со Министерството за транспорт и Светската банка, а дополнително ќе биде поддржан и со сопствени средства на Град Скопје, што јасно ја потврдува силната институционална заложба за здрав, уреден и модерен град“, соопшти Град Скопје.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Започна темелна трансформација на просторот на потегот во Градски ѕид
Општина Центар започна со подготвителни работи за партерно и хортикултурно уредување на потегот во Градски Ѕид, од Зелено пазарче до улица „Македонија“.

Во рамки на активностите, се отстранува дотраеното детско игралиште во делот зад објектот „Краш“. На истата локација ќе биде поставен нов проширен простор наменет за детска игра, со нови реквизити и подлога.

Веднаш до него се планира и поставување модерна фитнес зона, опремена со справи за вежбање и рекреација.

„Модернизацијата и уредувањето на овој простор беа дел од мојата програма. По барање на жителите, овој потег го уредуваме за да биде достоен за урбаното јадро и за нивните секојдневни потреби“, порача градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

На целиот потег ќе се изврши целосно поплочување. Дотраените и искршени плочи се отстрануваат, се поставуваат нови рабници, како и нов кош на местото на постојниот. Предвидена е и изведба на хидроизолација над подземните гаражи, со цел решавање на проблемот со протекување.

Со проектот е опфатено темелно хортикултурно уредување, поставување нови клупи, светилки и уредени пешачки патеки. Просторот ќе добие функција на мини урбан парк.

Овој дел од Градски Ѕид е исклучително фреквентен, а уредувањето ќе има директно позитивно влијание врз секојдневието на илјадници граѓани, создавајќи зелена и функционална зона што ќе го поврзува Зелено пазарче со деловниот и станбениот дел на општината, велат од Центар.


