Македонија
Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи
Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа во западните и источните делови ќе има појава на невреме со интензивен пороен дожд (над 20 l/m2), грмежи и силен ветер (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 22 до 28 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во следните денови ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд. Во сабота ќе дува засилен ветер од западен-југозападен правец, а од недела температурите ќе бидат во позначително опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прва јавна расправа за Предлог законот за кривична постапка
Министерството за правда во соработка со Организацијата за безбедност и соработка во Европа-Мисија во Скопје, ја организираше првата јавна расправа за подрачјата на Апелационите судови Скопје и Штип за Предлог законот за кривична постапка.
Вакви расправи ќе се одржат и за подрачјата на Апелационите судови во Битола и Гостивар. На настанот присуствуваа судии, обвинители, адвокати, полициски службеници и претставници на граѓанскиот сектор.
Јавната расправа ја отвори заменик министерот за правда Ален Дерабан кој во своето обраќање се осврна на клучните измени на ЗКП чија цел е имплементирање на директивите на ЕУ како и отстранување на недостатоците кои беа детектирани во досегашната примена на законот.
,,Особено значајни се новините кои се однесуваат на замрзнувањето на имот и конфискацијата, електронската достава и дигитализација на кривичната постапка, унапредување на одредбите за посебните истражни мерки и зголемување на ефикасноста, зајакнување на процесните права на жртвите согласно стандардите на Европската унија и Советот на Европа, како и воведување на одредби за задолжително спроведување на финансиските истраги со цел сузбивање на корупцијата и економскиот криминалитет и други значајни новини,”рече Деребан.
Заменик министерот посочи дека справувањето со корупцијата и организираниот криминал се еден од врвните приоритети на оваа Влада а Министерството за правда интензивно работи на унапредување и изнаоѓање на соодветни законски решенија со цел сузбивање на овие појави.
Македонија
Слави Трифонов до Николоски: Вие постоите затоа што Бугарија постои 1.300 години, не сме ние мизерни, вие сте
Лидерот на политичката партија, Има таков народ, Слави Трифонов, скандалозно реагираше на изјавата на вицепремиерот Александар Николоски кој претходно ја нарече Бугарија нецивилизиран домаќин.
Трифонов во коментарот на социјалните мрежи напиша дека можел да биде многу груб, но љубезно ќе одговори, а потоа продолжи: „Вие постоите затоа што 1300 година постои Бугарија. Зборувате затоа што бугарскиот јазик постои 1162 години. И некој како тебе може да биде вицепремиер, затоа што луѓето како мене, наместо да го прават тоа што го чувствуваат и сакаат – се воспитани, релативно кротки и ги почитуваат правилата и законите на ЕУ. Ние не сме мизерни – вие сте мизерни. А Бугарите во Северна Македонија не се слуги, туку вие сте слуга – претпоставувам на Србите. Единствениот правилен курс во оваа ситуација е што поскоро да биде отповикан амбасадорот на Северна Македонија во Бугарија“.
Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев, рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги. На изјавата реагираа бугарското МНР, кабинетот на претседателот Радев и голем број политичари од Софија. Бугарија официјално соопшти дека зборовите на Николоски ги оценува како провокација и ги информирала партнерските држави.
Новите вербални конфликти помеѓу двете држави почнаа со посетата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Софија чијашто цел беше голем културен настан. Сиљановска за време на посетата оставари неформална средба со Радев, кога се појави фотографијата на која двајцата се ракуваат, а зад неа е бугарското знаме. По реакциите дома и коментарите на опозициската СДСМ која го опиша настанот како дипломатски дебакл, од кабинетот на Давкова истакнаа: „Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“.
Бугарија потоа објасни дека македонското знаме не било истакнато бидејќи се работело за неформална средба.
„Ако државник од соседната земја доаѓа да пие кафе во Бугарија, треба ли да го истакнеме неговото знаме“, рече советникот на Радев, став кон кој се придржуваше официјално и политичкиот врв во Софија.
Тензиите дополнително ги подгреа потегот на бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, кој одби да ја прифати протестната нота.
Македонија
Николоски во Будимпешта на средба со министрите од ЕУ, ќе разговараaт за приоритетите во транспортниот сектор
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска и утре е во работна посета на Унгарија, Будимпешта, каде присуствува на состанокот на министри за транспорт на земјите членки на Европската Унија.
На состанокот ќе се разговара за приоритетите во транспортниот сектор како клучен фактор во економската интеграција на ЕУ и конкурентноста. Покрај министрите за транспорт од Унијата, на неформалниот состанок учествуваат и министрите за транспорт од земјите од Западен Балкан, од земјите од ЕФТА, понатаму Украина, Молдавија и Грузија, како и претставници на институциите на Европската Унија и транспортни организации.
Собирот на министри е предвиден да трае во две сесии. На првата сесија ќе се зборува за подобрувањето на конкурентноста на транспортниот сектор на ЕУ, преку дебата за подобрување на поврзаноста меѓу ЕУ и соседните земји, предизвиците и можностите кои произлегуваат од залениот транспорт како и дигитализацијата во транспортот.
Посебенн фокус во втората сесија ќе биде железничкиот сектор, мерки и стратегии потребни за воспоставување на брза железничка мрежа, подобрување на врските помеѓу руралните и урбаните места и мобилизирање на ресурсите неопходни за подобрување на конкурентноста на секторот.
Состанокот на министри е организиран од Унгарија во рамки на нејзиното претседателство со Европската Унија.