Свет
Нетанјаху: Треба да се изврши поголем притисок врз Хамас да го прифати предлогот за новиот договор

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека треба да се изврши поголем притисок врз палестинската милитантна група Хамас да го прифати новиот предлог за договор за Газа, откако Хамас рече дека е подготвен само да прифати договор за прекин на огнот без нови услови.
Главниот американски преговарач, шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, во саботата изјави дека подетален предлог за прекин на огнот ќе биде претставен во рок од неколку дена, објави Ројтерс.
Преговарачкиот тим на Хамас вчера се состана со катарските и египетските посредници во Доха и ја потврди нивната подготвеност да се спроведе прекин на огнот во Газа врз основа на претходниот предлог на САД без нови услови од која било страна, се вели во соопштението на групата.
„Хамас се обидува да го сокрие фактот дека се уште е против договорот за ослободување на заложниците и го попречува“, рече Нетанјаху во изјавата, пренесува Танјуг.
Тој рече дека Израел го прифатил последниот предлог, додека Хамас го отфрлил и дури ладнокрвно убил шест израелски заложници.
„Светот мора да бара Хамас веднаш да ги ослободи нашите заложници“, рече Нетанјаху.
Партиите досега не успеаја да постигнат договор за прекин на 11-месечниот конфликт, обвинувајќи се меѓусебно за воведување нови барања што спречија да се постигне договор, наведува агенцијата.
Предлогот што го претстави американскиот претседател Џозеф Бајден во мај предвидуваше прекин на огнот во три фази, што ќе вклучува ослободување на израелски и странски заложници, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин до Западот: Купија билет и не патуваа, само за да се налутат на кондуктерот: рускиот енергетски систем работи беспрекорно

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека одбивањето на европските земји да се потпираат на руските енергетски ресурси сериозно ја поткопа конкурентноста на нивните економии и доведе до пад на индустриското производство и пораст на цените низ целиот континент.
Зборувајќи на пленарната сесија на Руската недела на енергија во Москва, Путин истакна дека постапките на западните политички елити „ја уништија глобалната енергетска инфраструктура“, нагласувајќи дека политичкиот притисок довел до ирационални одлуки во ЕУ, според западните медиуми.
„Многу европски земји, под политички притисок, одбија да купуваат руски енергетски производи. Веќе неколку пати предупредив за последиците – не за Русија, туку за самите тие земји. Гледаме пад на индустриската активност и пораст на цените поради поскапата нафта и гас од странство“, рече Путин.
Тој додаде дека, по забраната за соработка со Русија, западните компании почнаа да ја губат својата технолошка предност и да го намалуваат производството, додека руските експерти станаа „технолошки лидери“ на пазарот.
„Што направија? Купија билет и не патуваа – само за да се налутат на кондуктерот. Каква глупост.
Нашиот енергетски систем е еден од најголемите во светот. Овој огромен комплекс работи сигурно и ефикасно“, заклучи претседателот на Русија.
Свет
Кремљ: Путин го предупреди Трамп за време на разговорот

Во денешниот телефонски разговор, рускиот претседател Владимир Путин го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека испраќањето крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина ќе го загрози мировниот процес и ќе им наштети на односите меѓу САД и Русија. Веста беше потврдена од Кремљ во официјално соопштение, пренесуваат медиумите во регионот.
Според Кремљ, Путин изразил загриженост поради можноста напредното американско оружје во рацете на украинските сили да доведе до понатамошна ескалација на конфликтот. Предупредувањето јасно посочи дека таков потег од страна на Вашингтон би имал директни негативни последици врз билатералните односи на двете сили.
Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, им изјави на новинарите дека Путин во разговорот нагласил дека руските сили во моментов имаат „целосна стратешка иницијатива“ по целата линија на фронтот во Украина.
Ушаков додаде дека денешниот повик, кој траел речиси два и пол часа, бил инициран од руска страна. Тој, исто така, објави дека на планираниот нов самит меѓу двајцата претседатели ќе му претходи разговор меѓу државниот секретар на САД, Марко Рубио, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој се очекува да се одржи во наредните денови, пренесува index.hr.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан по разговорите Трамп-Путин: Голема вест за мирољубивите луѓе, подготвени сме

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека наскоро повторно ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а овој пат средбата ќе се одржи во Будимпешта. Двајцата лидери се согласија за нов самит за време на телефонски разговор.
Унгарија е подготвена да биде домаќин на самитот Русија-САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Планираната средба меѓу американскиот и рускиот претседател е голема вест за мирољубивите луѓе низ целиот свет. Подготвени сме!“ напиша тој на X.
Трамп и Путин последен пат се сретнаа пред два месеци во Алјаска, но таа средба не донесе конкретен напредок кон мирот во Украина, по што следеше период на дипломатско затишје меѓу Вашингтон и Москва, анализираат медиумите.
Денешниот телефонски повик не беше објавен со денови, за разлика од некои претходни, а аналитичарите истакнуваат дека времето на неговото случување е исклучително значајно. Имено, Трамп утре треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Клучната тема на нивниот разговор ќе биде можното испраќање американски ракети со долг дострел „Томахавк“ во Украина, што би претставувало значително зголемување на воената помош за земјата.
Фото: принтскрин