Свет
Русија протера шест британски дипломати обвинувајќи ги за шпионажа и саботажа

Службата за безбедност на Русија, ФСБ, денеска објави дека им ги укинала ингеренциите на шестмина британски дипломати во Москва за кои тврди дека биле дел од шпионски и диверзантски операции.
Од ФСБ тврдат дека поседуваат документи што покажуваат дека канцеларијата на британското Министерство за надворешни работи во Лондон задолжена за Источна Европа и централна Азија ја координирала „ескалацијата на политичката и воената ситуација“ и имала задача да обезбеди стратешка руски пораз во војната против Украина.
„Затоа откриените факти даваат основа за разгледување на активностите на британските дипломати испратени од дирекцијата во Москва како закана за безбедноста на Русија“, соопшти ФСБ.
„Во таа насока, врз основа на документ обезбеден од ФСБ, а како одговор на многуте непријателски чекори преземени од Лондон, Министерството за надворешни работи на Русија, во соработка со поврзаните агенции, им ја откажа акредитацијата на шест члена на политичкиот оддел на британската амбасада во Москва, чии активности беа препознаени како шпионажа и саботажа“, се додава во соопштението.
На руската телевизија беа именувани дипломатите и беа прикажани нивните фотографии. Англичаните не ги препознаа нашите предупредувања дека мора да престанат со оваа практика, па решивме да избркаме шест од нив за почеток“, изјави вработен во ФСБ за телевизијата „Росија 24“. ФСБ најави дека ќе побара повеќе британски дипломати да си одат дома доколку се утврди дека биле вклучени во слични активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучевиќ: Ѓилас го уништи Белград повеќе од германските окупатори

Премиерот на Србија во технички мандат и претседател на СНС, Милош Вучевиќ денеска изјави дека претседателот на Партијата на слободата и правдата, Драган Ѓилас го уништил и опустошил Белград повеќе од германските окупатори и дека веќе никој не верува во неговите „Потемкинови села“.
„Внимавајте што вели експертот за кражба на народни пари, човекот кој Белград го направи негова приватна сопственост и го уништи и го направи полош од германските окупатори“, рече Вучевиќ на мрежата Икс, реагирајќи на најавата на Ѓилас на социјалните мрежи за формирање на новата влада на Србија.
Вучевиќ изјавил дека цената на кражбата на Ѓилас ја платиле граѓаните на Србија со години, додека тој кон Белград имал долг од 1,2 милијарди евра, а в џеб ставил 619 милиони евра.
„Почитуван Ѓилас, одамна никој не верува во вашите „Потемкински села“, Белград и Србија не се лонец со злато од кој можете да извадите пари колку сакате“, истакна Вучевиќ.
Тој додаде дека никој не сака неговите алтернативи за нормален живот и сигурна иднина да бидат криминал, ароганција, грабеж, насилство, неморал, злоупотреба на службената положба, бидејќи, како што истакна, тоа се синоними за Ѓилас и неговата „банда крадци кои би се вратиле на власт без волјата на народот“.
Нема да се извлечете! Србија ќе победи!“, нагласи Вучевиќ, пренесува Танјуг.
Регион
Земјотрес во Црна Гора, почувствуван и во Хрватска: „Беше краток, но силен“

Црна Гора беше погодена од земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во 11 часот и 52 минути, јавува ЕМСЦ.
Епицентарот бил на 48 километри од Подгорица и 20 километри од Никшиќ.
Според корисниците на EMSC, земјотресот бил почувствуван и во Хрватска и Босна и Херцеговина.
„Кратко, но силно“, коментира жител од Дубровник.
„Многу кратко, но се почувствува“, вели друг жител од областа Дубровник.
Регион
Жена со нож упаднала во основно училиште во Бугарија: ја удрила наставничката во лице

Жена упаднала во основното училиште во Бугарија и нападнала наставничка, јавуваат бугарските медиуми.
Приведена е жена (37) чие дете учи во споменатото училиште. Наставничката се здобила со повреди на лицето.
Според локалните медиуми, осомничената жена влегла во училиштето, извадила нож, замавнала со него, ја навредувала, а потоа ја нападнала наставничката.
Инцидентот веднаш бил пријавен од вработените во училиштето. Полицијата брзо пристигнала на лице место, ја разоружала агресивната мајка и ја привела.
Поради инцидентот во училиштето поведена е истрага, а за се е известено и надлежното Обвинителство.
Се уште не е јасно како дошло до нападот, ниту зошто жената ја нападнала наставничката.
Истрагата за овој инцидент е во тек, според тамошните медиуми.